Фото: КФМ

КАРАТЕ

  • Атмосферата во репрезентацијата е одлична, а каратистите покажуваат висока мотивираност и подготвеност за предизвиците што ги носи светската конкуренција, вели селекторот на македонската универзитетска репрезентација Бошко Заборски

Македонската десетчлена универзитетска карате-репрезентација, предводена од селекторот Бошко Заборски, тренерот Петар Заборски и кондицискиот тренер Иван Тиосавлевиќ, од денеска ќе учествува на Светското универзитетско првенство во главниот град на Бразил, Бразилија, каде што се очекува да настапат околу 1.500 натпреварувачи од над 40 држави, што е еден од најсилните универзитетски спортски настани во светот, а се одржува на секои две години. Македонските претставници се очекува да настапат борбено, дисциплинирано и со максимално залагање на татамите, следејќи ги највисоките стандарди на светското карате. Радува фактот што се одлично расположени и покажуваат добра форма за настап на најелитниот карате-натпревар за годинава, по завршните подготовки. А новиот успех ќе претставува уште едно продолжение на долгата и успешна традиција на македонското карате во меѓународни рамки со нови медали.

– Македонските каратисти во изминатиот период работеа интензивно на техничко-тактичка подготовка, физичка кондиција и психолошка стабилност, со цел достојно да ги претстават македонските универзитети и државата на највисокото светско студентско ниво. Атмосферата во репрезентацијата е одлична, а каратистите покажуваат висока мотивираност и подготвеност за предизвиците што ги носи светската конкуренција. Настапот во Бразилија е можност за афирмација на македонското универзитетско карате и стекнување драгоцено меѓународно искуство – вели Бошко Заборски.
Македонските карате-студенти со години бележат значајни успеси на европската и на светската универзитетска сцена, односно освоени се вкупно 65 медали, од кои 16 златни, 21 сребрен и 28 бронзени на европските и на светските универзитетски првенства во независна Македонија. Во август лани на Европскиот универзитетски шампионат во боречки спортови во Варшава (Полска), Ангела Мојсовска освои златен, Љупчо Михајлов сребрен, а Викторија Јовановска бронзен медал. Г.И.