ЏУДО – ПО ПРВИОТ ДЕН НА БАЛКАНИЈАДАТА ЗА ДЕЦА ДО 14 ГОДИНИ ВО БИТОЛА
- На свеченото отворање се обратија претседателот на Балканската џудо-федерација, Бране Црногорац, претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски, претставникот на Министерството за спорт, Илија Ристески, како и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски
Во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола во саботата свечено беше отворено Балканското првенство во џудо за деца до 14 години (момчиња и девојчиња), кое вчера со вториот натпреварувачки ден и официјално заврши. На свеченото отворање се обратија претседателот на Балканската џудо-федерација (БЏФ), Бране Црногорац, претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски, претставникот на Министерството за спорт, Илија Ристески, како и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, информира ЏФМ.
Првиот натпреварувачки ден донесе многу возбудувања и квалитетни и атрактивни борби, во кои младите џудисти од Македонија, Србија, Романија, БиХ, Црна Гора, Турција, Кипар, Албанија, Турција, Бугарија и Косово ги покажаа својот талент, борбеност и спортски дух, а присутната публика можеше да ужива во прикажаното. Македонските репрезентативци прикажаа одлични борби, но овој пат не успеаја да се закитат со медал, па се очекуваше вчера, на вториот ден, да имаат многу успех и подобри резултати.
На Балканското првенство македонските репрезентативци ги предводеше селекторот Марин Биљаноски, а му помагаше тренерот Ѓорѓија Стојанов, додека спортските активности ги координираше спортски директор на ЏФМ, Дејан Мицкоски. Првиот ден од македонските џудисти настапија Матеј Димитриоски (категорија до 38 кг), Дамјан Пејоски (до 38 кг), Даријан Ночески (до 42 кг), Божидар Јуловски (до 42 кг), Виктор Стојаноски (до 46 кг), Мартин Милошески (до 46 кг), Владан Стрезоски (до 46 кг), Кристијан Максовиќ (до 50 кг), Мунир Ајдиноски (до 50 кг), Давид Спироски (до 50 кг), Марко Лука Ангелов (до 55), Карим Идризоски (до 55 кг), Елдина Пупаловиќ (до 32 кг), Матеја Николоска (до 36 кг), Јована Стојковска (до 44 кг) и Џени Димитријоска (до 48 кг). Вчера требаше да настапат Јаков Магдески (до 60 кг), Кристијан Ристов (до 66 кг), Виктор Трчков (до 66 кг), Енил Ајдиноски (до 66 кг), Лука Трца (до 73 кг), Дејвид Димески (над 73 кг), Бисера Јовеска (до 52 кг), Марина Василеска (до 57 кг), Мартина Салви (до 57 кг), Елеонора Јосифоска (до 57 кг), Езана Јашари (до 63 кг), Марија Гошевска (над 63 кг) и Стефанија Спасеска (над 63 кг). Г.И.

































