Додека фудбалските вљубеници се подготвуваат за Светското првенство (СП), дресот што го носел еден од најпознатите фудбалери ќе биде ставен на аукција. Дресот со бројот 10 на Пеле од финалето на Светското првенство (СП) во 1958 година ќе биде ставен на онлајн аукција од 29 јуни до 16 јули, соопшти „Сотби“, пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Ова е дресот што го носел еден од најголемите фудбалери во историјата ноќта кога почнало неговото владеење – изјави Брам Вахтер, раководител на одделот за модерни колекционерски предмети на „Сотби“.
Дресот е оној што Пеле го носел во своето прво финале на светските првенства. Едсон Арантес до Насименто, познат како Пеле, имал 17 години кога постигнал два гола во победата на Бразил со 5-2 против домаќинот Шведска, на стадионот „Расунда“ во Стокхолм. Тој останува најмладиот играч што некогаш постигнал гол во финале на СП. Пеле по финалето му го подари рачно изработениот дрес на својот цимер и соиграч Дида. Тој остана кај семејството на Дида со децении пред да биде сместен во бразилски музеј и на крајот да го добие неговиот сегашен сопственик, кој останува анонимен, во 2004 година, пишува АП. Првиот гол на бразилската легенда во тоа финале беше еден од најдобрите на светските првенства, според гледачи и играчи. Тој ја контролираше топката со градите, ја префрли преку шведски одбранбен играч и постигна гол. Вториот гол дојде кон крајот на натпреварот, со глава. Пеле ја освои својата трета титула на СП 1970 во Мексико, еден од трите домаќини на турнирот годинава, со САД и со Канада. Истиот стадион „Ацтека“, каде што беше шампион тогаш, ќе биде домаќин на првиот натпревар на СП годинава, каде што Мексико ќе игра со Јужна Африка.
Периодот на аукцијата вклучува и јавна изложба од 1 јули во зградата „Сотбис Бројер“ во Њујорк, пишува АП. Н.М.

































