Фото: ЕПА

Од 3 јуни до денес, во Санкт Петербург, Русија, се одржува Меѓународен економски форум. Во рамките на форумот, рускиот претседател Владимир Путин јавно порача дека Русија формирала политичка волја и веќе е подготвена да почне директни преговори со Украина за мир. Основа за прегорите би била рамката од самитот Трамп – Путин во Енкориџ, во американската сојузна држава Алјаска, од август, минатата година. Од исклучително значење е што тогаш и американскиот претседател Доналд Трамп активно учествуваше во креирањето на мировниот процес и креирањето на рамките во врска со тоа. Згора, на ист ден со гореспоменатата изјава на Путин на форумот во Санкт Петербург и украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на завршување на војната, во објавено отворено писмо до јавноста. Изјавите на рускиот и на украинскиот лидер беа дадени во ист ден, така што оставија впечаток на еден вид координираност при искажување политичка добра волја од две инволвирани страни во воениот конфликт во Украина, зад што стои и претседателот на САД, со неговата Енкориџ-платформа, што овој пат беше ставена во прв план. Р.С.


На Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург претседателот на Русија иницираше процес да се заврши оружениот конфликт по мирен пат

Путин подготвен и волен да преговара со Киев врз основа на предлозите на Трамп од средбата во Енкориџ, Алјаска

За време на средбата со новинарите и повеќе меѓународни новински агенции во рамките на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, рускиот претседател Путин изјави дека „предлозите на Трамп за Украина би можеле да претставуваат основа за мировни договори“! Тој во изјавата истакна дека „тие предлози бараат компромиси и од Москва и од Киев“ и истакна дека американскиот претседател Трамп „искрено е посветен на решавањето на кризата во Украина“. Исто така, тој оцени дека Европската Унија може да помогне во решавањето на украинскиот конфликт.
– Верувам дека навистина, можеби Европската Унија би можела да помогне во пронаоѓањето решение. Тоа, според мене, треба да биде во рамките на договорите за кои разговаравме во Енкориџ. И украинската страна е добро свесна за тоа – рече Путин, одговарајќи на прашање на новинар.
Рускиот претседател подвлече дека „секој документ мора да го потпишат легитимни страни, вклучително и Украина“, и дека тоа не е каприц на Русија.
– Има многу прашања, но ако дојдеме до потпишување документи, мислам дека, ако постои желба да се заврши оружениот конфликт по мирен пат, а Русија го сака тоа, ќе најдеме лица што ќе можат да го потпишат соодветниот документ – додаде Путин.
Претседателот на Русија во таа пригода потсети дека пред точно две години истекол мандатот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– Пред две години, точно пред две години, во 2024 година, во мај, истече мандатот на господинот Зеленски како претседател. Сега, кон крајот на минатата година, почетокот на оваа година, многу се зборуваше за избори во Украина. Каде е сега тој разговор? Дали навистина ќе има избори или не? Ова е важно. Никој повеќе не зборува за тоа. Ако зборуваат, кога ќе го направат тоа – праша рускиот претседател.
Путин наведе дека, во случај на потпишување мировен договор со Украина, пораката на сите страни би можела да биде: „Фала му на Бога што сè заврши“.
За издвојување е ставот на Путин во кој вели дека „Русија не се противи на економската интеграција на Украина во Европа“. Исто така, рускиот претседател кажа дека „Русија никогаш не одбивала контакти со европските држави“ и дека „за обновување на дијалогот е доволна иницијатива од европската страна“.
– Ние не одбиваме контакти со претставниците на Европа. Доволно е да ја кренат слушалката и да се јават. Ако сакаат да дојдат, нека дојдат. Тие се оние што не сакаат – рече Путин, додавајќи „ако некој смета дека би било соодветно да се оживее дијалогот со Русија, нека повели, но, не знам кој ќе биде тој преговарач од европска страна“.
Сепак, тој оцени дека поранешниот германски канцелар Герхард Шредер е „личност на која може да ѝ се верува“ и потсети дека „токму Шредер бил вклучен во изградбата на инфраструктурни проекти како ’Северен тек‘, за да ѝ се обезбеди на германската економија сигурно и евтино снабдување од Русија“!
– И не е важно само тоа што имаме добар однос со него, туку и тоа што тој е човек што се стреми кон националните цели на својата земја, а сепак, човек на кој може да му се верува – рече Путин и оцени дека Шредер е еден од најдобрите германски државници бидејќи, како што наведе, „има свој став и храброст да го брани“.
Истовремено, Путин оцени дека изјавите на одделни европски и украински функционери за можен напад на Русија врз НАТО се бесмислени и провокативни.
– Која би била воопшто смислата за нас? Дали постои каква било причина за напад врз Европа и борба против НАТО? Едноставно е, реков дека тоа е бесмислица, но ми се чини дека тоа не е само бесмислица – тоа е намерна провокација за да се создаде закана што всушност не постои и населението на нивните земји да се принуди да троши повеќе пари за одбрана. Но првиот чекор е плаќањето на режимот што ја презеде власта во Киев – рече рускиот претседател. Р.С.


И Зеленски предлага директна средба со Путин за завршувањена војната

И украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика рускиот претседател Владимир Путин да ја заврши војната, во објавено отворено писмо во јавноста, додека рускиот лидер им се обраќаше на медиумите на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург. Тие два настапа во јавноста оставаат впечаток на синхронизирност за искажување политичка добра волја од две инволвирани страни во воениот конфликт во Украина. Изјавите беа проследени во ист ден, и на претседателот на Украина и на рускиот претседател Владимир Путин, односно еден ден по украинските напади врз рускиот град Санкт Петербург, каде што се одржува Меѓународниот економски форум.
– Сите гледаме дека Русите конечно почнуваат да се чувствуваат помалку удобно со оваа реалност – со фактот дека војната ѝ носи сè повеќе негативни последици на Русија. Не им се допаѓа тоа што на вашата војна не ѝ се гледа крајот – напиша Зеленски.
Украинскиот лидер рече дека Путин „редовно“ ги одложува роковите за заземање украински региони, особено Донецк. Според светските медиуми, Кремљ го видел писмото упатено од Зеленски и Путин ќе биде информиран за него, објави руската државна агенција ТАСС, повикувајќи се на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Тој, исто така, рече дека ако Зеленски сака да се сретне со Путин, „може да дојде во Москва“. Но, потоа, Зеленски изјави дека негово патување во руската престолнина „не доаѓа предвид“. Според наши извори, дипломати и упатени во оваа проблематика претпоставуваат дека наскоро навистина ќе има средба, но истата таа би се одржала во Швајцарија и, се разбира, со инволвираност на американскиот претседател Доналд Трамп, кому многу му значи настапот на Путин на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, каде што рускиот претседател јавно порача дека Русија е подготвена и расположена да преговара со Украина за мир, врз основа на преговарачките рамки за кои се разговарало на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Енкориџ, Алјаска, во август 2025 година. За потсетување, Путин јавно на прес-конференција потврди дека предлозите на американскиот претседател Доналд Трамп за завршување на војната би можеле „да бидат основа“ за мировни договори, но дека би барале компромис од двете земји.
– Ние, генерално, се согласивме со тие компромиси. Треба само да ја убедиме украинската страна во тоа и тоа е сè – рече тој, додавајќи дека тој верува дека рамките и предлозите на Трамп од Енкориџ „многу лесно би можеле да бидат основа за договори меѓу Русија и Украина и би можеле да стават крај на овој конфликт“. Р.С.


КУСО Потсетување на Енкориџ 2025: Што се договорија Трамп и Путин за Украина?

Средба што не донесе мир, но ја исцрта рамката за идните преговори

На 15 август 2025 година, американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин се сретнаа во Енкориџ, во првата нивна директна средба по почетокот на руско-украинската војна во Украина. Светската јавност очекуваше драматичен пресврт во Енкориџ, можеби дури и прекин на огнот. Наместо тоа, самитот заврши без потпишан договор, без заедничка декларација и без конкретен мировен план.
Сепак, во месеците што следуваа почна да се појавува појасна слика за она што било дискутирано зад затворени врати. Дополнителна тежина на тие информации им дадоа и изјавите на Путин во 2026 година, кога повеќепати се повика на „компромисите договорени во Енкориџ“ како основа за можен мировен договор.
Оттука, иако формален договор немаше, од средбата произлезе неформална рамка, која подоцна стана позната како „алјаските разбирања“ или „рамката од Енкориџ“.

Територијата беше централното прашање

Да се потсетиме на клучните точки од разговорите меѓу американскиот и рускиот претседател. Најчувствителниот дел од разговорите бил поврзан со територијалниот статус на заземените области од руската армија. Според информациите (објавени од „Ројтерс“), неколку дена по самитот во Енкориџ, руската страна сигнализирала „подготвеност да се повлече од одредени територии што ги контролира“, додека „Украина би требало да се откаже од значителни делови од Донбас“. Во суштина, во Енкориџ била постигната согласност за „замрзнување на фронтот по линиите што постојат на теренот“, потоа за можни ограничени разменувања територии за да се усогласи новата линија на разграничување, како и за признавање на фактичката руска контрола врз еден дел од Донецк и Луганск. Трамп по средбата индиректно потврди дека се разговарало за „размена на територии“, но нагласи дека ништо не може да биде наметнато без согласност на Украина. За Киев ова беше особено проблематично бидејќи украинскиот устав не дозволува едноставно откажување од национална територија.

Донбас како клучен услов на Кремљ

За издвојување е дека една тема се провлекува низ сите подоцнежни изјави на Путин, а тоа е темата за Донбас. Имено, во 2026 година тој експлицитно изјави дека мир со Украина и целосна руска контрола врз Донбас „не се меѓусебно исклучиви“. Според Кремљ, токму тоа било една од основите разговарани со Трамп во Енкориџ. Путин неколкупати повтори дека „Русија останува во рамките на разбирањата постигнати во Алјаска“ и дека „украинската страна треба да ги прифати истите компромиси ако сака брз крај на војната“. Ова покажува дека од руска перспектива, самитот не бил само дипломатски настан, туку „обид да се добие американско разбирање за новата територијална реалност создадена на бојното поле, базирана на историски факти“.

Прашањето за НАТО и безбедносните гаранции

Втората голема тема во Енкориџ била идниот безбедносен статус на Украина. Според информациите што протекоа во некои американски медиуми по средбата, Москва останала на својата традиционална позиција, односно „Украина да не стане членка на НАТО“, потоа „западното воено присуство во Украина да биде ограничено“, како и „да се воспостави нов безбедносен аранжман што би ја намалил можноста за директна конфронтација меѓу Русија и Алијансата“. Токму затоа, само неколку дена по самитот во Енкориџ, Алјаска, европските лидери и украинскиот претседател се собраа во Вашингтон за да разговараат за можни безбедносни гаранции за Украина. Во Европа постоеше страв дека американско-руските разговори би можеле да доведат до договор што нема доволно да ја заштити украинската безбедност.

Во Енкориџ немаше договор за прекин на огнот

Иако Трамп влезе во самитот со амбиција да обезбеди барем делумен прекин на огнот, тоа не се случи. По речиси три часа разговори, двете страни зборуваа за „напредок“ и „продуктивни разговори“, но не објавија никаков прекин на борбените дејства. Воените операции продолжија без прекин и во деновите по средбата. Токму ова беше една од најголемите критики на европските аналитичари: многу симболика, малку конкретни резултати.

Во Енкориџ се форматираше рамковно план за идни преговори меѓу Киев и Москва

Еден од ретките елементи околу кои постоела извесна согласност на Самитот во Енкориџ бил ставот дека конечниот договор не може да се постигне без директен ангажман на Украина. Трамп по самитот зборуваше за можност за идна средба меѓу Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Иако конкретен датум не беше договорен, идејата била разговорите меѓу Вашингтон и Москва да создадат основа врз која подоцна би се надоврзале директни руско-украински преговори. За издвојување од самитот во Енкориџ е и постоењето на една поширока американско-руска агенда, односно дека покрај Украина, разговорите допреле и други теми, како што се: идните односи меѓу САД и Русија; санкциите; економската соработка; можните нови разговори за контрола на нуклеарното вооружување по истекот на постојните договори. Сепак, ниту на овие полиња не беше објавен конкретен договор.

Енкориџ: Има согласности, нема конкретни писмени договори

Гледано од денешна перспектива, средбата во Енкориџ не донесе мировен договор, ниту прекин на огнот. Но таа создаде политичка рамка, која и Москва и Вашингтон продолжија да ја споменуваат во следните месеци. Во секој случај, суштината на таа рамка може да се сведе на неколку точки:
1. Украина најверојатно ќе мора да се соочи со прашањето за територијални отстапки.
2. Русија бара признавање на својата контрола врз еден дел од Донбас.
3. Членството на Украина во НАТО останува главен предмет на спор.
4. Безбедносните гаранции за Украина се клучниот нерешен дел од секое идно решение.
5. Конечен договор не може да има без директно учество на Киев.
6. Самитот отвори дипломатски канал, но не донесе мир.
Оттаму, Енкориџ ќе остане запаметен не како местото каде што заврши војната во Украина туку како местото каде што првпат беше нацртана рамката за можниот компромис меѓу американската и руската визија за нејзиниот крај, што повторно се актуализира деновиве на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург. Р.С.