Паѓа уште една граница меѓу Европската Унија и Западен Балкан?!
- Иницијатива на ЕУ би можела да овозможи Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово да станат дел од системот „Роаминг како дома“, со што користењето мобилни услуги во земјите на Европската Унија би се наплаќало по домашни, а не по роаминг-тарифи
Додека процесот на европска интеграција на Западен Балкан со години се движи побавно од очекуваното, Европската Унија испраќа сигнал дека регионот останува дел од нејзините стратешки приоритети. Завчерашната одлука на амбасадорите на земјите членки на ЕУ да го одобрат почетокот на преговорите за укинување на роамингот со земјите од Западен Балкан можеби не изгледа како историски политички чекор, но за милиони граѓани може да донесе непосредна и видлива корист.
Станува збор за иницијатива што би можела да овозможи Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово да станат дел од системот „Роаминг како дома“, со што користењето мобилни услуги во земјите на Европската Унија би се наплаќало по домашни, а не по роаминг-тарифи.
Од техничка мерка до политичка порака
На прв поглед станува збор за телекомуникациско прашање. Но во суштина оваа иницијатива има далеку пошироко политичко значење. Во време кога европското проширување се соочува со голем број предизвици, а граѓаните на Западен Балкан сè почесто изразуваат разочараност од бавниот напредок кон членството, Брисел се обидува да понуди конкретни придобивки што ќе го доближат регионот до европскиот простор.
Токму затоа и пораките од кипарското претседателство со Советот на ЕУ не се ограничуваат само на техничките аспекти на процесот. Проширувањето на зоната без роаминг се претставува како доказ за европската посветеност кон регионот и како уште еден чекор во постепената интеграција на Западен Балкан во европските политики.
За многумина аналитичари ваквите мерки се дел од концептот на „интеграција пред членство“ – процес во кој земјите кандидати добиваат пристап до одредени европски политики уште пред формалното зачленување во Унијата.
Што добиваат граѓаните?
Прво, доколку сѐ тече според замисленото сценарио, граѓаните на Македонија и на другите земји од регионот ќе можат да патуваат низ Европската Унија без страв од високите сметки за мобилен интернет, телефонски разговори и СМС.
Второ, за студентите, туристите, бизнисмените и луѓето што често патуваат или работат во земјите на ЕУ, тоа би значело значително намалување на трошоците и полесна комуникација. Во време кога дигиталната поврзаност станува една од основните потреби на современиот живот, укинувањето на роамингот претставува повеќе од обична финансиска олеснителна мерка.
Трето, и уште погенерално, ваквиот потег би можел да придонесе и за поголема економска интеграција меѓу регионот и европскиот пазар, особено во секторите што зависат од постојана дигитална комуникација.
Патот сè уште не е завршен, надежта е дека ќе финишира до крајот на годинава
Иако амбасадорите на ЕУ веќе дадоа согласност за почеток на процесот, претстои формално усвојување на одлуката од Советот на ЕУ, по што ќе започнат поединечни преговори со секоја земја од регионот. Европските институции се надеваат дека договорите ќе бидат финализирани до крајот на годинава. Сепак, конечниот успех ќе зависи од подготвеноста на националните регулатори, телекомуникациските оператори и владите да ги усогласат правилата со европската регулатива. Токму затоа европските претставници засега избегнуваат да ветуваат конкретен датум за стапување во сила на новиот режим.
Мал чекор со голема симболика
Откако во 2017 година Европската Унија го воведе системот „Роаминг како дома“ за своите членки, оваа политика стана една од најпрепознатливите придобивки што граѓаните директно ги чувствуваат од европската интеграција. Нејзиното проширување кон Украина и Молдавија покажа дека Брисел е подготвен да ги отвори придобивките од заедничкиот пазар и кон држави надвор од Унијата. Ако истиот модел биде применет и за Западен Балкан, тоа нема да го забрза автоматски процесот на членство, но ќе испрати важна порака дека, и покрај политичките застои и заморот од проширувањето, регионот постепено се вклучува во европскиот простор. За граѓаните, пак, тоа ќе биде уште еден доказ дека европските политики не се мерат само преку дипломатски состаноци и долги преговарачки поглавја туку и преку конкретни промени што секојдневно го олеснуваат животот. Е.Р.

































