На 6 јуни 2026 година, во организација на Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул, ќе се одржи солистички концерт на македонската пијанистка Горјана Стојановска. Концертот ќе биде изведен во Ерменската католичка катедрала „Сурп Левон“ во Кадиќој, со почеток во 19:30 часот.
Пред истанбулската публика Стојановска ќе се претстави со програма составена од дела на Морис Равел, Јоханес Брамс, Петар Илич Чајковски и Фредерик Шопен, автори чие творештво претставува значаен дел од европската музичка традиција.
Горјана Стојановска е родена во Битола, каде го започнува своето музичко образование, а дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Своето професионално усовршување го продолжува во Италија, на Academia Talent Music Master во Бреша. Добитник е на повеќе награди на домашни и меѓународни натпревари и има настапувано на бројни солистички и камерни концерти во земјата и странство. Настапувала како солист со Македонската филхармонија, а во 2024 година и со камерниот оркестар на Националната опера и балет во Виена.
Концертот е дел од програмските активности на Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул за промоција на македонската музичка уметност пред турската публика.

































