Бројот на загинати во сообраќајни несреќи во првите пет месеци од годинава е намален за 17 лица во споредба со истиот период лани, а министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ова го поврза со примената на системот „Безбеден град“.
Гостувајќи во емисијата „Топ тема“, Тошковски истакна дека од јануари до мај 2026 година во сообраќајни несреќи загинале 39 лица, додека во истиот период во 2025 година бројот на жртви изнесувал 56.
– Сите овие случаи се последица на непочитување на сообраќајните правила. Во првите пет месеци од 2025 година имавме 56 жртви, а годинава 39. Тоа се 17 човечки животи повеќе спасени – изјави Тошковски, пренесе МИА.
Тој потсети дека Министерството за внатрешни работи речиси две години работело на проектот „Безбеден град“, оценувајќи го како еден од најважните безбедносни проекти за граѓаните.
Според министерот, за целосните ефекти од системот ќе биде потребно повеќе време, но најави дека полицијата ќе продолжи со засилени контроли и строги санкции за возачите кои грубо ги прекршуваат сообраќајните правила.
Тошковски најави и дека наскоро ќе започне поефикасно санкционирање на прекршоците направени од возила со странски регистарски таблички.
– Камерите ги регистрираат и странските таблички. Тие се дел од системот и ќе бидат предмет на казнување. Во наредниот месец јавноста ќе ги види првите конкретни чекори во тој правец – рече министерот.
Тој изрази загриженост и поради високата смртност кај мотоциклистите. Од вкупно 12 жртви во сообраќајот во текот на изминатиот месец, пет биле мотоциклисти.
– За тројца од загинатите сум сигурен дека не носеле заштитна кацига. Апелирам до сите мотоциклисти секогаш да носат кацига. Таа не се носи заради другиот, туку заради сопствената безбедност и може да спаси живот – нагласи Тошковски.
Осврнувајќи се на електричните тротинети, министерот оцени дека тие претставуваат сериозен безбедносен предизвик и најави законски измени, за кои веќе се анализираат искуствата од повеќе европски земји.


































