Иран нема да прифати никаков договор со САД сè додека неговите права не бидат целосно гарантирани, изјави денес претседателот на иранскиот Парламент и шеф на преговарачкиот тим на Техеран, Мохамад Бакер Галибаф, пренесува „Тајмс оф Индиа“ (Times of India).
– Нема да одобриме никаков договор сè додека не бидеме сигурни дека правата на иранскиот народ се целосно обезбедени – истакна Галибаф во видео емитувано на државната телевизија.
И покрај тоа што во последните денови се чинеше дека двете земји се приближуваат кон договор, „Њујорк тајмс“ објави дека американскиот претседател Доналд Трамп го заострил својот предлог и испратил нова верзија до Техеран. Според веб-страницата „Аксиос“, Трамп бара поцврст став од Вашингтон по неколку прашања, вклучително и за судбината на нуклеарниот материјал на Иран.
Иран, од своја страна, смета дека укинувањето на американските санкции и одмрзнувањето на замрзнатите средства се основни права што мора да бидат гарантирани во секој договор со САД.
– Оние кои делуваат на дипломатската арена не се водат само од зборови или ветувања на непријателот – додаде Галибаф.
































