Романскиот претседател Никушор Дан соопшти дека Романија ќе го затвори Генералниот конзулат на Руската Федерација во Констанца и ќе го протера рускиот конзул, по инцидентот во кој дрон удри во станбена зграда во градот Галаци.
Одлуката била донесена по состанокот на Советот за национална безбедност, свикан по нападот што предизвика експлозија и пожар во стан на 10-тиот кат од зградата, при што беа повредени две лица, пренесе телевизијата „Диџи24“.
– Синоќа се случи сериозен инцидент во кој беа повредени двајца граѓани, а целата одговорност за тоа е на Русија. Генералниот конзул на Русија во Констанца е прогласен за персона нон грата, а конзулатот ќе биде затворен – изјави Никушор Дан.
Тој додаде дека на седницата на Советот било разговарано и за мерките за цивилна заштита, при што романските институции презеле дополнителни активности за зајакнување на безбедноста во потенцијално загрозените подрачја.
Според романскиот претседател, реакцијата на службите била брза, а биле зголемени и бројот на персонал и безбедносните мерки.
Никушор Дан информираше дека разговарал и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за инцидентот во Галаци, кој го оцени како „најсериозен безбедносен инцидент на романска територија од почетокот на руската агресија врз Украина“.
































