Александар Николоски изјави дека македонските транспортери ќе можат да добиваат визи за движење низ земјите од Шенген зоната преку амбасадата на Хрватска во Скопје и преку хрватските дипломатско-конзуларни претставништва, со што, како што рече, се решава проблемот што настана со воведувањето на ЕЕС системот на Европска Унија, пренесе МИА.
Николоски во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител посочи дека со тие визи транспортерите ќе можат слободно да се движат низ целата Шенген зона.
Тој нагласи дека аплицирањето ќе се врши во амбасадата на Хрватска во Скопје, во други хрватски дипломатско-конзуларни претставништва или директно во Загреб.
-Ова е реализација на тоа што го зборувавме. За разлика од некои наши соседи, ние тивко ја водиме целата операција затоа што станува збор за суштински голем проблем кој мора да се реши – изјави Николоски.
Тој потсети дека по протестите на превозниците во февруари, Европската Унија ја забрзала презентацијата на визна стратегија со која професионалните возачи биле признаени како посебна категорија.
Николоски откри дека за време на протестите итно отпатувал во Загреб, каде се сретнал со хрватскиот вицепремиер и министер за транспорт Оливер Бутковиќ, со кого ја договориле рамката за решението што сега го реализира Хрватска.
Тој додаде дека слични процедури се во завршна фаза и со Романија, додека разговори се водат и со Австрија. Посочи и дека системот веќе функционира во Швајцарија, која е дел од Шенген зоната.
Во однос на ЕЕС системот на ЕУ, Николоски рече дека иако не е дизајниран за Македонија, сепак ќе влијае и врз македонските граѓани, особено на граничните премини со Грција и Бугарија.
Тој очекува голем притисок на границата со Грција во текот на летната сезона, бидејќи преку Коридорот 10 годишно поминуваат околу 10 милиони патници.

































