Фото: ЕПА

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЏИРО Д`ИТАЛИЈА

  • Во генералниот пласман по осмата етапа и понатаму води Португалецот Еулалио со предност од три минути и 15 секунди пред Данецот Вингегор

Еквадорецот Џонатан Нарваес од тимот на Емирати беше дел од тројно бегство, заедно со колегата од ОАЕ Емирати, Данецот Микел Бјерг, и Данецот Андреас Лекнесунд од тимот на Уно-X, на осмата етапата долга 156 км, но решавачката предност ја стекна на околу 10,5 км до крајот. Бјерг, откако му помогна на својот колега, отпадна, а Лекнесунд не можеше да го следи Нарваес, кој мина прв низ исцрпувачката нагорна цел и со тоа ја освои својата втора етапна победа на годинашната трка Џиро д`Италија. Трет заврши Норвежанецот Мартин Тјота од тимот на Уно-Х, со задоцнување од 42 секунди.
– Беше убава етапа за мене. Мислам дека возевме добро со мојот колега Бјерг и дека тој беше човекот на денот. На крајот, се работеше за нозете – рече Нарваес, кој претходно ја освои и четвртата етапа, пренесе „Би-би-си“.
Лекнесунд заврши 32 секунди зад победникот и рече дека не може да биде разочаран од своето второ место, оти Нарваес бил посилен на крајот, како што и се очекувало. Португалецот Афонсо Еулалио од тимот на Бахрeин-Викториус ја задржа водечката розова маичка и има предност од три минути и 15 секунди пред двократниот победник на Тур де Франс, Данецот Јонас Вингегор од тимот Визма, кој победи во седмата етапа, односно Австриецот Феликс Гал од тимот на Декатон од три минути и 34 секунди. Годинава, 109-то издание на машкото Џиро има 21 етапа, а завршува на 31 мај во Рим, по извозени 3.459 км. Г.И.