• Култната претстава „Чичко Кумплунг“ е работена според пиесата „Прирачник за самоуништување“ од Сашко Насев. Станува збор за црна комедија и сатира што го прикажува општеството во транзицискиот период во Македонија во 1990-тите години

Со премиера на македонската драма „Чичко Кумплунг“ од Сашко Насев, во режија на Јани Бојаџи, театарот „Куманово“ ја отвори сезоната со својата прва премиера за 2026 година. Претставата премиерно беше изведена на 13 мај на големата сцена во НУЦК „Трајко Прокопиев“, а првата реприза се одигра вчера. Поради камерниот карактер, претставата може да ја проследат околу 90 гледачи.
Култната претстава „Чичко Кумплунг“ е работена според пиесата „Прирачник за самоуништување“ од Сашко Насев. Станува збор за црна комедија и сатира што го прикажува општеството во транзицискиот период во Македонија во 1990-тите години. Чичко Кумплунг е култен лик од македонскиот филм „Самоуништување“ на Ербил Алтанај од 1996, кој го играше Јовица Михајловски.
– Ова е праизведба на македонска драма на сцените на кумановскиот театар, што е дополнително задоволство за мене, за ансамблот и за институцијата. Ние мора да разбереме дека без македонска драматургија ние не можеме да направиме национален театар, без национален театар нема национална кинематографија, а без национална кинематографија нема национална телевизија и медиуми и немаме нација – изјави Јани Бојаџи.
Преку хумор и сарказам, претставата зборува за политиката, секојдневниот живот и општествените апсурди од тоа време, прикажувајќи ги човечките слабости, разочарувања и обидот за преживување во еден нестабилен систем.
– Не беше тешко справувањето со ликовите, затоа што тоа беа наши мајки, братучеди, инспектори, комшии. Наши луѓе што едноставно во овој процес на транзиција не успеале или многу тешко успеале да се снајдат и да го најдат своето место под сонцето – изјави актерката Кети Дончевска Илиќ.
Проектот е поддржан од Министерството за култура, а претставата носи нова сценска обработка на еден од најпрепознатливите ликови од македонската филмска приказна.
Во претставата „Чичко Кумплунг“ играат: Мирослав Петковиќ, Кети Дончевска-Илиќ, Давид Илиќ, Александра Михајловска-Величковски, Владанка Крстевски, Владо Дојчиновски, Дубравка Киселички и Жарко Јовановиќ.
„Самоуништување“ е црна комедија и сатира за општеството во транзицискиот период во Македонија, чија премиера беше во мај пред 30 години. Покрај Михајловски играа и Катерина Коцевска, Благоја Чоревски, Тони Михајловски, Оливер Митковски, Бајруш Мјаку. В.Д.