Израел и Либан се согласија да го продолжат прекинот на огнот за дополнителни 45 дена, по новата рунда разговори одржани во Вашингтон – соопшти Стејт департмент, пренесе „Еј-би-си њус“.
Портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот, изјави дека зад страните се два „многу продуктивни“ дена разговори, а нова рунда преговори е закажана за 2 и 3 јуни.
Кревкото примирје меѓу Израел и милитантната група Хезболах, која дејствува од либанска територија, требаше да истече во недела.
-Се надеваме дека овие разговори ќе поттикнат траен мир меѓу двете земји, целосно признавање на меѓусебниот суверенитет и територијален интегритет и воспоставување вистинска безбедност по заедничката граница – напиша Пигот на социјалните мрежи.
Израел и Либан технички се во војна од 1948 година, кога беше формирана израелската држава, а ова се први директни разговори меѓу двете земји.
































