На 8 мај, американскиот претседател Доналд Трамп нареди објавување на повеќе од 170 досиеја на веб-страницата на Министерството за одбрана, при што некои од нив датираат од 1940-тите. Извештаите се достапни токму онака како што биле првично објавени, без појаснување од страна на Владата на САД. Објавувањето е во полза на ветувањето што го даде претседателот на 17 април годинава, за објавување на сведоштвата на очевидци за неидентификувани летачки објекти (НЛО)
Не е јасно зошто вонземјаните одлучиле да се спуштат блиску до Стоктон во Калифорнија на 18 февруари 1947 година, ниту дали навистина го сториле тоа. Сепак, земјоделецот Лиланд Самерс што живеел околу 20 километри западно, е убеден дека имал посетители што дошле од вселената.
– Стоев на околу 30 метри источно од мојата куќа, кога ги слушнав фазаните како креваат бучава и сите кокошки се втурнаа во кокошарникот. Погледнав кон куќата за да видам што е причината и видов нешто како лебди над неа. Истрчав кон куќата и тоа нешто се спушти над северниот крај на објектот. Тоа само се нишаше наоколу за момент, оган излегуваше од него и се враќаше назад… Одеднаш од него излегоа многу искри и полета во северозападен правец, одејќи во височина како што се движеше – кажал Самерс во изјава што ја поднел до Владата на САД.
Ниту Самерс ниту Владата на САД никогаш не откриле за каков објект станувало збор, ако воопшто постоел. И никој друг, освен Самерс заедно со неговата сопруга и исплашените фазани, не бил присутен за да сведочи за неговото присуство. Но извештајот сепак бил поднесен заедно со стотици слични пријави што армијата ги одржува во складиште и продолжува да ги собира веќе 80 години. И до минатата недела, овие пријави останале класифицирани.
На 8 мај, американскиот претседател Доналд Трамп нареди објавување на повеќе од 170 досиеја на веб-страницата на Министерството за одбрана, при што некои од нив датираат од 1940-тите. Извештаите се достапни токму онака како што биле првично објавени, без појаснување од страна на Владата на САД. Некои од нив се земјоделци како Самерс, други се комерцијални пилоти, а дел се воени пилоти што снимиле видеа низ нивното ветробранско стакло од она што изгледа како вонземски летала што навидум се нишаат, лебдат, летаат и се движат на начини на кои ниедно познато летало не може да се управува.
Објавувањето е обид да се исполни ветувањето што претседателот го даде на 17 април годинава дека наскоро ќе бидат објавени сведоштвата на очевидци, за она што порано се нарекуваа неидентификувани летачки објекти или НЛО, а сега се познати под називот „неидентификувани аномални феномени“ или УАП.
– Како што се сеќавате, неодамна му наложив на секретарот за одбрана да започне со објавување владини досиеја поврзани со НЛО и необјаснети воздушни феномени. Овој процес е во тек и морам да кажам дека пронајдовме многу интересни документи, а првите објавувања ќе почнат многу наскоро – изјави своевремено Трамп.
Кои досиеја за НЛО се објавени?
Голем број сведоштва за УАП веќе беа широко објавени, па дури и беа предмет на конгресни сослушувања во 2022 и 2023 година. Но оние што штотуку ги објави Министерството за одбрана, претходно не беа познати. Многу од нив датираат генерации наназад. На пример, на 9 август 1952 година, во порака со натпис „ИТНО“, упатена до тогашниот директор на ФБИ, Џеј Едгар Хувер, двајца вработени во хемиската фабрика „Дупонт“ во Савана Ривер, во сојузната држава Јужна Каролина, пријавиле дека виделе „сина светлина со портокалови рабови во облик на чинија“. Се појавила во 21.30 часот, „летајќи со голема брзина и движејќи се во североисточен правец“.
Пораката стигнала до Хувер и два дена подоцна тој одговорил дека тоа не е случај во негова надлежност.
– Бидејќи прашањето за летачките чинии го истражуваат воздухопловните сили на Соединетите Американски Држави, си земам слобода да испратам копија од вашето писмо до директорот за специјални истраги, Оддел на воздухопловните сили. Доколку имате дополнителни забелешки во врска со ова, би предложил да комуницирате директно со него – напишал Хувер.
Другите слични случки биле малку потаинствени. На 27 септември 1950 година, двајца полицајци во Филаделфија патролирале во нивното полициско возило кога виделе објект како се спушта кон земјата, кој на почетокот изгледал како падобран, но, според нивниот исказ, станувало збор за нешто сосема друго. Со дијаметар од околу два метра, објектот слетал во блиско поле.
– Откако отишле да видат за што станува збор, полицајците забележале дека објектот има виолетов сјај што речиси наликувал на магла. Полицајците потоа повикале уште двајца колеги. Откако го гледале објектот некое време, се обиделе да го соберат. Објектот се скршил, оставајќи мал остаток без мирис. Во период од околу 25 минути, што полицајците го поминале набљудувајќи го објектот, тој целосно се распаднал – се наведува во извештајот.
Кој пријавува НЛО и дали астронаутите виделе НЛО во вселената?
Воените пилоти и оние на комерцијалните авиокомпании исто така пријавиле слични настани. На 4 август 1947 година, авион на „Пан Американ“, кој се движел на маршрутата помеѓу Гандер, Њуфаундленд и „Ла Гвардија Филд“ во Њујорк наишол на нешто што изгледало како летачки цилиндар со златна боја, долг околу 4,5 метри и со дијаметар од еден метар. Еден од пилотите „ја проценил брзината на објектот на околу 280 километри на час, како и дека се движел во источен правец“, според досието. Другиот пилот потоа забележал сличен објект од другата страна на авионот. Тие продолжиле да бидат видливи во времетраење од околу 90 секунди пред да исчезнат од вид.
Мисијата „Џемини 7“ дури поднела извештај на 4 декември 1965 година, откако вселенското летало со двајца астронаути стигнало во орбитата, се одвоило од својот горен бустер и се свртело кон тој потрошен сегмент од ракетата. Астронаутите, командантот Френк Борман и пилотот Џим Ловел, виделе поголем објект што не можеле да го објаснат.
Во напишана белешка што е исто така дел од неодамнешните документи, функционер на НАСА ги напишал зборовите „пријава за НЛО од страна на Борман“, над официјалната изјава што ја прочитал пред печатот.
– Главната снимка е тука во контролната соба и сега сме подготвени да ви ја пуштиме. Содржи референци дека биле видени не само некои честички туку и неидентификуван објект, заедно со бустерот – рече тој.
Какви видеоснимки од НЛО објави Пентагон?
Покрај пријавите од цивили на земјата и комерцијални пилоти на небото, па дури и астронаути, средбите забележани од морнарските авијатичари всушност создаваат најголема возбуда. Затоа што се неодамнешни и затоа што имаат видеодокази што ги поткрепуваат. Во 2013 година, според настан што беше објавен претходно, односно не беше во рамките на новообјавените документи, ескадрила борбени авиони „Ф/А-18“ се упатила на воздушни маневри покрај брегот на Вирџинија Бич. Во текот на вежбата, како што подоцна објави „Тајм“, радарите на авионите забележале група од шест објекти што летале заедно со нив, изведувајќи акробации. Во некои моменти тие се движеле од една до друга страна со брзина од 350 јазли или 650 километри на час. Потоа, одеднаш, тие застанувале сосема мирно при воздушни струи и ветрови што се движеле со 150 јазли (280 км/ч), односно при налети што ги принудувале авионите да се борат да ја одржат нивната позиција. Објектите немале видлив издувен систем, немале забележливи средства за погон и воопшто не личеле на ниту еден авион во цивилниот или воениот арсенал на земјата. Со димензии од два до пет метра во пречник, тие претставувале „темно сива или црна коцка во проѕирна сфера“, изјави за „Тајм“ поранешниот поручник на морнарицата Рајан Грејвс, кој летал тој ден.
– Речиси удривме во еден од објектите. Тие се приближија на 15 метра од водечкиот авион и тогаш знаевме дека имаме работа со нешто малку невообичаено – кажа Грејвс.
Исто така, имало и никогаш претходно пријавена средба од 1 јануари 2020 година – со видеоснимки опфатени во новата транша од документи – на светла точка што се движела непредвидливо, забележана од пилот на авион што патролирал на небото над Блискиот Исток. Објектот бил забележан од инфрацрвени сензори и се задржал во видното поле една минута и три секунди пред да исчезне.
Повпечатлива беше новооткриената средба точно четири години подоцна, во новогодишната ноќ во 2024 година, на тело во облик на топка за американски фудбал со три проекции слични на перки, една насочена вертикално, а две насочени надолу под соодветни агли од 45 степени. Тој лебдечки објект, исто така откриен од инфрацрвени сензори, останал видлив само девет секунди пред да исчезне.
Можеби најсензационални од сите беа деталите за средбите во 2013 година, кои траеле една минута и 46 секунди, на осумкрако тело слично на ѕвезда, кое се вртело и маневрирало пред морнарички авион, оставајќи тенка трага од издувни гасови зад себе.
Сите извештаи во досиејата остануваат предмет на шпекулации и мистерија, а по нив ќе следуваат уште вакви досиеја за кои Министерството за одбрана на САД ветува дека ќе бидат објавувани „на постојана основа“.
































