Претседателите Си Џинпинг (лево) и Доналд Трамп во Пекинг / Фото: ЕПА
  • Двајцата лидери се согласија да воспостават „конструктивни стратешки стабилни односи“ како нова ориентација за билатералните врски во следните три години и понатаму, рече претседателот Си Џинпинг, според соопштението од Министерството за надворешни работи на Кина

Кинескиот лидер Си Џинпинг вчера ја поздрави новата ера на односите меѓу САД и Кина, дефинирана со конструктивни и стабилни врски, за време на историски самит со американскиот претседателот Доналд Трамп во Пекинг.
Двајцата лидери се согласија да воспостават „конструктивни стратешки стабилни односи“ како нова ориентација за билатералните врски во следните три години и понатаму, рече претседателот Си Џинпинг, според соопштението од Министерството за надворешни работи на Кина.
– Конструктивната стратешка стабилност треба да биде позитивна стабилност карактеризирана првенствено со соработка, бенигна стабилност со добро регулирана конкуренција, нормална стабилност со управливи разлики и трајна стабилност со предвидлив мир – рече Си, додавајќи дека овој вид односи не се само слоган туку дека треба да бидат акција за движење кон иста цел од двете страни.
Иако САД сè уште не го објавиле својот извештај за средбата, новиот термин – конструктивна стратешка стабилност, употребен тука за првпат, сугерира обид од двете страни да ги преформулираат своите односи и да обезбедат конкуренцијата и соработката меѓу нив да бидат поуправувани и предвидливи.
Постигнат целосно
избалансиран и
позитивен исход

Самитот во Пекинг доаѓа по билатерални разговори на трговските делегации од двете земји во Јужна Кореја еден ден претходно. Кинескиот претседател рече дека тој и неговиот гостин од САД постигнале „целосно избалансиран и позитивен исход“, повикувајќи ги двете страни да го зачуваат „тешко стекнатиот позитивен тек“.
Надвор од трговијата, кинескиот лидер рече дека двете земји треба подобро да ги користат политичките и дипломатските канали, како и механизмите за комуникација и да ги прошират размените и соработката во повеќе области од здравството, земјоделството, туризмот, меѓучовечката размена, до спроведувањето на законот.

Спектакл осмислен да ја покаже отвореноста на Кина кон светот

Доналд Трамп изгради политички бренд врз остра реторика насочена кон Кина. Но американскиот претседател вчера го пофали својот домаќин додека седеше спроти претседателот Си.
– Вие сте одличен лидер. Им го кажувам тоа на сите – рече Трамп, кој, според известувањето на присутните медиуми, изгледал воодушевено од прецизноста на почесната гарда за време церемонијалниот пречек пред Големата сала на народот во Пекинг.
Американскиот претседател двапати застанал и со присутните кинески деца, а при неговата обиколка на познатиот Храмот на небото, тој забележал дека Кина е прекрасна. Трамп е вториот актуелен американски претседател што го посетил храмот по Џералд Форд во 1975 година.
– Во кинеската дипломатија, оваа внимателно осмислена кореографија, за која се знае дека ќе се емитува во живо низ целиот свет, има вистинска тежина. Спектаклот е дизајниран да покаже дека вратата на Кина е отворена за гостите. Си го постави црвениот тепих за голем број светски лидери во последните месеци, вклучувајќи ги и сојузниците на САД како што се Канада, Велика Британија и Германија – сите желни да склучат договори со Пекинг – известуваат светските медиуми. Р.С.


Најава за проширување на перспективите за бизнис-соработката

Кинескиот претседател Си Џинпинг оствари состанок и со американски бизнис-лидери по двочасовните билатерални разговори меѓу двајцата претседатели. Тој истакна дека вратата на Кина ќе се отвори само пошироко за американските бизниси, додавајќи дека американските фирми ќе имаат пошироки перспективи во земјата.
Кинескиот претседател исто така наведе дека американските компании се длабоко вклучени во растот на Кина, што им користело на двете страни, додавајќи дека Пекинг ги поздравува САД да ја зајакнат реципрочната соработка, според кинескиот државен медиум „Синхуа“.
Трамп со себе во Пекинг донесе делегација составена од повеќе од десетина врвни бизнис-раководители, вклучувајќи ги Џенсен Хуанг од „Енвидија“ и Тим Кук од „Епл“, зголемувајќи ги надежите за нови договори. Американскиот претседател се залага за Кина да купува повеќе американски стоки. Р.С.


Посредувањето на Кина за запирање на американско-иранската војна едно
од главните прашања

Едно од најголемите прашања поврзани со самитот е дали американскиот претседател Доналд Трамп може да го убеди кинескиот лидер Си Џинпинг да помогне во одоброволување на Техеран да се согласи со американските барања за прекин на војната со Иран.
Се смета дека Кина има кредибилитет и добри изгледи за таква дипломатска иницијатива, како докажан глобален посредник. Во 2023 година, Пекинг помогна во посредувањето за зближување меѓу Иран и Саудиска Арабија. Кина, исто така, има директна линија со Иран, при што иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи минатата недела беше во посета на Пекинг. Кина исто така купува над 90 отсто од својата нафта од Иран.
Во врска со Тајван, претседателот Си Џинпинг нагласил дека тоа е најважното прашање во односите меѓу Кина и САД, како што пренесува „Синхуа“. Доколку се решава правилно, билатералните односи ќе уживаат целокупна стабилност.
Во спротивно, двете земји ќе имаат судири, па дури и конфликти, што ќе ги доведе сите односи во голема опасност, рекол претседателот Си Џинпинг, повикувајќи ја американската страна да биде дополнително претпазлива при прашањето за Тајван.
Двајцата претседатели размениле мислења за главните меѓународни и регионални прашања, како што се ситуацијата на Блискиот Исток, украинската криза и Корејскиот Полуостров. Тие, исто така, се согласиле да се поддржат меѓусебно во организирањето на успешен состанок на економските лидери на АПЕК и самит на Г20 подоцна годинава. Р.С.