Фото: Меѓаши

Насилството во училиштата не може да се решава само по појавата на инциденти, туку преку навремена превенција, функционални механизми за заштита и активно учество на учениците, беше истакнато на панел-дискусијата „Ученички активизам за безбедни училишта“, организирана во рамки на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“.

Како што соопшти Меѓаши, на настанот учествувале претставници на институции, училишта, граѓански организации и ученици, кои разговарале за потребата од системски и интегриран пристап во справувањето со врсничкото насилство, пренесе МИА.

Проектот досега опфатил повеќе од 8.000 ученици преку активности за превенција од насилство, ученичко организирање и интеркултурно образование. Во рамки на иницијативата, 50 основни и средни училишта воспоставиле политики и механизми за заштита на децата, додека повеќе од 1.300 наставници и стручни соработници поминале обуки за препознавање и справување со насилство.

Дополнително, над 2.000 родители биле вклучени во активности за подигнување на свеста за нивната улога во заштитата на децата.

Од Меѓаши посочуваат дека искуствата од терен покажуваат оти училиштата со функционални тимови за заштита и активно ученичко учество бележат поголема доверба кај учениците и подобра подготвеност за навремено пријавување и спречување на насилство.

Претседателот на организацијата, Драги Змијанац, истакнал дека насилството – физичко, психичко, вербално и дигитално, е присутно во речиси сите училишта во државата, а превенцијата и реакциите често доаѓаат предоцна.

Извршниот директор на Коалиција СЕГА, Зоран Илиески, нагласил дека безбедноста на децата не смее да зависи од ад-хок реакции, туку мора да биде постојан и системски процес.

На конференцијата учествувала и Елена Ивановска, која информирала дека преку механизмот за пријавување врсничко насилство во тековната учебна година биле примени 41 пријава.

Проектот е усогласен со приоритетите на Националната стратегија за образование 2026–2032 и се реализира од Коалиција СЕГА во партнерство со Меѓаши, Македонски центар за граѓанско образование и СМАРТ АП.