Фото: МИА

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека малите и средните претпријатија во Македонија се неконкурентни во услови на отворен и либерален систем на јавни набавки, оценувајќи дека е потребен механизам за нивна заштита.

На конференцијата „Бизнис со интегритет“, тој нагласи дека домашните компании сè почесто не учествуваат или не добиваат тендери, особено кај набавки од поголема вредност. Според него, тоа може да доведе до сериозни економски последици, вклучително зголемен дефицит, дисбаланс во девизните текови и иселување на работна сила, пренесе МИА.

Александар Николоски истакна дека дел од проблемот е во критериумите за големи инфраструктурни проекти, каде се бараат високи референтни капацитети што домашните фирми често не ги исполнуваат. Тој додаде дека во такви случаи големите меѓународни компании го преземаат проектот, додека работата најчесто се изведува преку локални подизведувачи.

Тој се осврна и на практиките во градежниот сектор, наведувајќи дека странските изведувачи задржуваат дел од профитот, додека реалната изведба често ја извршуваат домашни компании, што, според него, создава искривена слика за учеството на локалната економија.

Во контекст на геополитиката, Николоски нагласи дека како членка на НАТО и кандидат за членство во Европска Унија, земјата мора да го преиспита моделот на економска отвореност, посочувајќи на предизвиците во изборот на изведувачи за големи инфраструктурни проекти.