ПО ПОВОД 100-ОТ РОДЕНДЕН

Познатиот британски натуралист и телевизиски водител сер Дејвид Атенборо го прослави својот 100-ти роденден, а меѓу многуте честитки се издвои онаа што му ја испрати компанијата „Лего“. Популарната компанија одлучи симболично да го промени правилото што со генерации стои на кутиите од нивните коцки – дека тие се наменети за деца и возрасни од четири до 99 години. Имено, обожавателите забележаа на социјалните мрежи дека Атенборо сега е „премногу стар“ за лего-коцки бидејќи наполни 100 години. Затоа компанијата одговори со духовито и емотивно соопштение. „Среќен 100-ти роденден сер Дејвид Атенборо. Нема возрасна граница за оние што никогаш не престануваат да играат“.
Заедно со пораката, тие објавија фотографија од кутијата „Лего класик“ со изменета етикета за возраст „4-100+“. Тие симболично рекоа дека Атенборо може да продолжи да ги реди коцките дури и по неговиот стоти роденден. Објавата предизвика многубројни реакции од корисниците на социјалните мрежи, кои го нарекоа потегот на компанијата „пресладок“ и „една од најдобрите маркетиншки идеи“. Многумина го пофалија „Лего“ за, како што напишаа, „искрениот и топол гест кон човекот сакан од сите генерации“. Тоа е само една од низата почести за легендарниот британски водител. Во Велика Британија, меѓу другото, беше направен огромен портрет од него во песок на плажа.
Сер Дејвид Атенборо е роден во 1926 година и помина повеќе од седум децении работејќи на телевизија и документарни филмови за природата. Тој стекна глобална популарност преку култните документарци: „Планетата Земја“, „Сината планета“ и „Животот на Земјата“, со кои им ги доближи животинскиот свет и важноста на зачувувањето на природата на милиони гледачи.