Фото: МИА

На 79-годишна возраст почина Живко Георгиевски, долгогодишен новинар, дописник и поранешен директор на МИА.

Георгиевски беше на чело на МИА во периодот од 1998 до 2002 година. Во текот на својата богата кариера работеше и како директор на Радио Охрид во средината на седумдесеттите години, а подоцна беше дописник на Танјуг и на повеќе тогашни југословенски медиуми.

Новинарската кариера ја започнал уште како средношколец во весникот Вечер, по што работел во младинската редакција на Радио Охрид и во други медиуми, особено за време на студиите во Белград.

По заминувањето од Охрид, Георгиевски долго време ја водел македонската редакција на Танјуг. Дел од кариерата поминал и како дописник во Џакарта, известувајќи од регионот на Југоисточна Азија.

По враќањето во земјата, повторно застанал на чело на редакцијата на Танјуг во Македонија. Пред распадот на СФРЈ го формирал Македонското прес биро, а подоцна станал директор на МИА, каде останал до пензионирањето.

Живко Георгиевски ќе биде погребан утре на градските гробишта во Охрид.