Фото: Христијан Мицкоски/Фејсбук

Поврзувањето е стратешко позиционирање и цел на Владата, коридорите 8 и 10 се стратешки за државава од многу аспекти и затоа тоа е наш најголем приоритет, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски при увидот на активностите за изградба на автопатот Гостивар – Букојчани, пренесува МИА.

Мицкоски очекува дека наскоро ќе се пушти во употреба преостанатиот дел од автопатот Кичево – Охрид,  како и гасоводот што треба  да не поврзе со Грција во првата половина од следната година. Информираше и дека неделава ќе се објави и тендерот за гасоводот со Србија.

 

– Изградбата на автопатите, на пругата на Коридор 8, модернизацијата на пругата  на Коридор 10,  односно брзата пруга. Исто така и енергетското поврзување преку далекуводи. Далекуводот кон Албанија го рестартиравме. Со останатите соседи сме поврзани на висок напон со далекуводи, Србија, Косово, Бугарија и Грција, сега останува Албанија, очекувам и тој проект да биде завршен. Кај поврзувањето со гасната инфраструктура, прилично интензивно се гради гасоводот со Грција, а потоа почнуваме од оваа недела со објавување на тендерот за гасоводот кон Србија, веќе се добиени сите мислења за оваа цевка. Проектот на нафтоводот којшто со децении рѓосуваше и беше оставен на забот на времето, сега е функционален и служи за транспорт на нафта, односно поврзување на пристаништето Солун со рафинеријата Скопје – изјави Мицкоски.

 

Кога сето ова глобално ќе биде завршено тогаш, потенцира, можеме да кажеме дека сме навистина регионален хаб и оти оттука понатаму ќе се поврзува Северна со Јужна Европа, Централна Европа со Медитеранот, Јадранското и Јонското море со Црното море. Тоа е онаа стратешка предност што ја имаме како држава.

– Како Влада ќе продолжиме да ги поддржуваме овие проекти и јас очекувам дека многу скоро ќе можеме  да го пуштиме делот којшто ќе го поврзува Кичево со Охрид, но истовремено и гасоводот којшто очекувам некаде во првата половина од следната година ќе ја поврзе нашата земја со нашиот јужен сосед. Сето ова претставува една амбициозна агенда, но нашиот фокус е сериозен, нашата оптика е силно вперена во овие проекти и така ќе продолжиме во периодот којшто следи – најави премиерот Мицкоски.