Фото: Маја Јаневска Илиева / Архива

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас пред денешниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел изјави дека министрите прво на работен појадок ќе разговараат со „западнобалканските пријатели“ за тоа што можат да направат повеќе.

– Прво, ќе ги поздравиме нашите западнобалкански пријатели. Ова е можност да разгледаме што друго може да се направи. Тие се заинтересирани за нашата соработка во борбата против хибридните закани со кои се соочуваат, а за возврат очекуваме реформи од нив за да можеме да продолжиме со проширувањето – наведе Калас.

Таа додаде дека, секако, ќе разговараат за проширувањето и што друго може ЕУ да направи за да можат земјите од Западен Балкан да постигнат напредок во реформите.

Калас посочи дека ЕУ очекува од земјите од Западен Балкан да ја усогласат надворешната и безбедносната политика со Унијата и да ги спроведат реформите.

Додека еврокомесарката за проширување Марта кос изјави дека истакна дека во ЕУ има место за сите држави од Западен Балкан.

– Имам јасна порака, има место за сите земји од Западен Балкан во ЕУ. Проширувањето е приоритет за ЕУ и ако нашите кандидати имаат резултати, тогаш и ние мораме да дадеме резултати – истакна Кос пред почетокот на состанокот на Советот за ЕУ за надворешни работи и работниот појадок со министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан.

Според неа ЕУ дава и опипливи резултати во однос на постепената интеграција на земјите и истакна дека минатата недела Србија им се придружи на Албанија, Црна Гора и Македонија во платниот систем СЕПА и дека сега се подготвува самитот на ЕУ за Западен Балкан, што ќе се одржи во Подгорица на 5 јуни.

– Очекувам сите овие земји цврсто да останат на патот кон ЕУ – наведе Кос.

Предвидено е министрите од ЕУ да разговараат и за Украина, за Блискиот Исток, за слободата пловидба, за Сирија, а ќе имаат средба со шефицата на канадската дипломатија Анита Ананд.