Еднодневен културно – едукативен настан на отворено во рамки на проектот „Фолклорот како живо наследство“ ќе се одржи денес, точно на пладне, во паркот на Франкофонијата.
Настанот ќе понуди богата концертна програма со настапи на сите возрасни групи на АНИП „Орце Николов“, како и настапи на гости – детски фолклорни групи од Детскиот културен центар – Карпош. Целта е да се поттикне интергенерациско дружење, културна размена и заедничко доживување на традицијата.
Паралелно со сценската програма, ќе се реализираат и етно креативни работилници наменети за деца, каде преку интерактивен пристап ќе се запознаат со народни ора, песни, традиционални носии и ракотворби. Во реализацијата ќе учествуваат етнолози и етнокореолози, кои ќе овозможат автентично и едукативно искуство.
Проектот има јасна мисија – да го претстави фолклорот како живо, динамично и достапно културно наследство, особено за децата и младите, поттикнувајќи интерес за активно учество и зачувување на традицијата.

Настанот е наменет за граѓаните на Општина Центар, како и за сите жители на Град Скопје и ќе придонесе зголемена видливост на фолклорот во јавниот простор, зајакната младинска вклученост и создавање нови генерации љубители на традиционалната уметност.
Настанот е поддржан од Општина Центар и е дел од богатата културна програма на општината за 2026 година.
– „Фолклорот како живо наследство“ не е само настан – туку доживување, средба на генерации и потсетник дека традицијата живее преку нас. Ги покануваме сите љубители на традицијата, семејства и млади да бидат дел од овој настан и заедно да го прославиме фолклорот како наше живо наследство – велат организаторите.
Ансамблот „Орце Николов“ минатата година прослави 80 години постоење.
Ф.Д.
































