Балансот меѓу фискалната консолидација, економскиот раст и мерките за заштита на животниот стандард и поддршка на стопанството е од клучно значење во услови на продлабочена геополитичка неизвесност, порача министерката за финансии на 9. Меѓународна конференција „Влијанието на геополитичките промени и вооружените конфликти врз процесот на проценување“, што денеска се одржа во Охрид во организација на Комората на проценувачи на Република Македонија.
Во обраќањето на панел-дискусијата „Обликување на иднината на проценувањето во услови на брзи промени“, министерката истакна дека светската економија се соочува со постојани шокови и растечка нестабилност.
Според неа, по пандемијата, енергетската криза, инфлацијата и нарушувањата во глобалната трговија, дополнителен предизвик претставуваат геополитичките тензии кои ја намалуваат предвидливоста на економските политики и бараат постојано приспособување.
Од Министерството за финансии информираат дека министерката посочила оти цените на енергенсите остануваат главен канал преку кој глобалните кризи се прелеваат врз економиите, бидејќи секое нарушување во снабдувањето директно влијае врз пазарите.
Таа нагласила дека македонската економија, како мала и отворена економија, е особено чувствителна на случувањата во Европа и светот, поради што е потребно внимателно управување со сите економски процеси.
Воедно, Димитриеска-Кочоска најавила дека е започнат процес за ревидирање на постојната Методологија за проценка на вредност на недвижен имот, со цел попрецизна регулација за даночни потреби.































