Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека три американски разурнувачи биле нападнати додека минувале низ Ормускиот Теснец, но дека не претрпеле штета и успешно ги одбиле нападите.
Во објава на неговата социјална мрежа „Трут соушл“, Трамп наведе дека иранските сили користеле ракети, дронови и мали пловни објекти, но според него, американската морнарица ги неутрализирала сите закани.
Тој тврди дека во акцијата биле уништени повеќе ирански пловни објекти и дека американските разурнувачи повторно се приклучиле на поморската блокада во регионот.
– Немаше штета на американските разурнувачи, а иранските напаѓачи претрпеа сериозни загуби – напиша Трамп, упатувајќи и остри пораки кон иранското раководство.
Претходно и Централната команда на американската војска (ЦЕНТКОМ) соопшти дека американските сили одговориле на „неиспровоцирани ирански напади“ врз три воени бродови кои транзитирале низ Ормускиот Теснец кон Персискиот Залив.
Според Централната команда, американската војска извела одбранбени удари врз ирански воени цели, меѓу кои позиции за лансирање ракети и дронови, командни центри и објекти за разузнавање и надзор.
Од друга страна, иранскиот Генералштаб обвини дека САД го прекршиле примирјето со напад врз ирански нафтен танкер и уште еден брод кој влегувал во Ормускиот Теснец, објави „Ројтерс“.
Иранските вооружени сили тврдат дека биле извршени и воздушни напади врз цивилни области во близина на Бандар Хамир, Сирик и островот Кешм.


































