Фото: МИА

Eвроамбасадорот Михалис Рокас порача дека Македонија припаѓа на европското семејство и дека е поблиску до членството во Европска Унија отколку што се перцепира.

Говорејќи на конференцијата „30 години на европскиот пат: односите Македонија–ЕУ и патот напред“, тој истакна дека, и покрај разочарувањата во изминатите децении, клучно е да се задржи фокусот кон иднината.

-Во изминатите 20-25 години надежите и ентузијазмот беа високи, но исто така имаше и неуспеси и разочарувања низ годините, и прашањето е како можеме да ги надминеме прашањата и да одиме напред бидејќи нема соменвање дека Македонија припаѓа на европското семејство, и всушност сме многу поблзиу отколку што мислиме, рече Рокас.

Според него, она што недостасува во овој момент е малку прагматизам, одлучност и желба да се обединување на политичкиот спектар, со цел, како што рече, да го направите последниот одлучувачки чекор напред.

-Но убаво е да се рефлектираме и на историјата бидејќи сметам дека граѓаните понекогаш забораваат како Европската Унија е постојан, близок, партнер и пријател, како и кредибилен и веродостоен партнер во сите аспекти – од моменти на кризи, до Охридскиот договор, потоа Пржинскиот договор, но исто така и фактот дека економски сме присутни, 75 отсто од извозот од Македонија оди во ЕУ. Исто така и компнии од ЕУ доаѓаат во земјата и инвестираат, затоа две третини од странските директни инвестиции доаѓаат од земјите-членки на ЕУ – нагласи Рокас.

Тој потсети дека ЕУ е долгорочен и кредибилен партнер на земјата, посочувајќи на нејзината улога во клучни моменти, како Охридски рамковен договор и Пржински договор, како и на економската поврзаност – околу 75 проценти од македонскиот извоз е насочен кон ЕУ, а две третини од странските инвестиции доаѓаат од земјите членки.

Рокас ги истакна и придобивките од европските програми како Хоризонт Европа и Еразмус+, како и Планот за раст на Западен Балкан вреден 6 милијарди евра, кој треба да помогне во спроведување на реформите.

Сепак, тој нагласи дека финансиската поддршка не е доволна сама по себе.

 – Парите не ја купуваат довербата – мора да се одговори на очекувањата на граѓаните – рече евроамбасадорот, додавајќи дека и покрај растечкиот скептицизам, мнозинството граѓани сè уште го поддржуваат членството во ЕУ.

Според него, клучен момент е почетокот на преговорите, кои ќе донесат нова динамика и доверба во процесот. Тој потсети дека рамката за напредок е поставена во 2022 година, но потребен е политички пробив за да се придвижи процесот.

 – Проширувањето е политичка одлука, а времињата се променети. ЕУ нема да дозволи празнини на европскиот континент – порача Рокас.

Претседателот на Дипломатски клуб Скопје, Јован Теговски, предупреди дека забавениот напредок носи ризици од намалена доверба, реформски замор и зголемен простор за влијанија што не се усогласени со европските вредности.