Со стартот на Пазарот во тековниот ден (Intraday Market), Македонија влегува во нова фаза на развој на енергетскиот сектор, истакна министерката за енергетика Сања Божиновска.
Таа нагласи дека новиот механизам претставува „сигурносен вентил“ на електроенергетскиот систем, овозможувајќи им на компаниите да реагираат во реално време, да ги оптимизираат своите потреби и да ги намалат трошоците за дебаланси.
– Пазарот во тековниот ден носи флексибилност, поефикасно управување со производството и потрошувачката, како и поголема стабилност на мрежата – рече Божиновска.
Според неа, ова е особено значајно за развојот на обновливите извори на енергија.
– Македонија има потенцијал за сончева и ветерна енергија, но нивната непредвидливост со овој механизам се претвора од ризик во можност – додаде министерката.
Таа истакна дека воспоставувањето на Intraday пазарот е клучен чекор кон целосна либерализација и модернизација на пазарот на електрична енергија, потенцирајќи дека процесот бил забавен во минатото, но сега е деблокиран со засилена институционална координација.
Во следниот период, како што најави, фокусот ќе биде ставен на поврзување на македонскиот пазар со регионалните и европските пазари (market coupling), што треба да донесе поголема ликвидност и ценовна стабилност.
Дополнително, Божиновска посочи дека ова ќе помогне и во ублажување на ефектите од европскиот механизам CBAM, што е особено важно за извозно ориентираните компании.
Министерството, како што нагласи, останува фокусирано на развој на конкурентен и транспарентен пазар, инвестиции во инфраструктурата и поддршка на зелената транзиција.
На настанот се обратија и премиерот Христијан Мицкоски, директорот на МЕМО Зоран Ѓорѓиевски, како и претставници од регионалниот енергетски сектор.

































