Фото: МНРиНТ

Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, учествуваше на третото издание на форумот „Ереван дијалог“, што се одржува на 5 и 6 мај во Ерменија.

Во рамки на форумот, тој беше дел од панел-дискусија посветена на глобалните геополитички трансформации, предизвиците на мултиполарниот свет и засилената конкуренција меѓу големите сили, како и нивното влијание врз меѓународната трговија и економските текови. Се разговараше и за безбедносните импликации од овие процеси, како и за прашањата поврзани со технолошкиот развој и дигиталната трансформација.

Во своето обраќање, Димитровски ја истакна определбата на Владата за зајакнување на стратешките партнерства со клучните меѓународни актери, оценувајќи дека тие се основа за безбедност, економски развој и стабилност.

Тој се осврна и на европската перспектива на земјата, нагласувајќи дека членството во Европската Унија останува стратешка цел од највисок национален интерес и најодржлив пат за напредок во услови на непредвидливи глобални околности.

Во обраќањето беа потенцирани и заложбите за унапредување на енергетската поврзаност преку паневропските коридори 8 и 10, како важни алтернативни рути за диверзификација на снабдувањето и зајакнување на енергетската сигурност и регионалниот економски развој.

Осврнувајќи се на нарушувањето на меѓународниот поредок, Димитровски посочи дека меѓународното право не секогаш се почитува, наведувајќи ги како примери пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг поврзана со блокадата за членство во НАТО, како и одлуките на Европскиот суд за човекови права во Стразбур за регистрацијата на здруженијата на Македонците во Бугарија.

Форумот беше посветен на актуелните глобални и регионални предизвици, со фокус на геополитичките промени, безбедносните и економските динамики, европската интеграција, енергетската и зелената транзиција, како и влијанието на новите технологии и вештачката интелигенција врз глобалните односи.