Францускиот претседател Емануел Макрон повика на дипломатско решение за кризата околу Ормускиот Теснец, нагласувајќи дека нејзиното отворање треба да се постигне преку договор меѓу Иран и САД, објави „Тајмс оф Израел“.
Во изјава пред почетокот на Самитот на Европската политичка заедница во Ереван, Макрон јасно стави до знаење дека Франција нема да учествува во иницијативата „Проект Слобода“, која ја најави американскиот претседател Доналд Трамп за обезбедување слободна пловидба во теснината.
– Нема да учествуваме во нешто што не е јасно – изјави Макрон, потенцирајќи дека секое решение мора да биде транспарентно и координирано.
Осврнувајќи се на пошироката состојба на Блискиот Исток, францускиот претседател повика и на почитување на прекинот на огнот меѓу Израел и Либан.
– Ова е обврска што ја презедоа страните, и тоа е важно за суверенитетот и независноста на Либан, како и за заштитата на цивилното население – истакна Макрон.
Изјавата доаѓа во период на зголемени тензии во регионот, каде Ормускиот Теснец останува клучна точка за глобалната трговија со енергенси.


































