Рецензија

Во прекрасниот амбиент на Музејот на македонската борба, на 28 април 2026 година, пред избрана публика, нашиот светски познат обоист Васил Атанасов и неговите пријатели од светот на музиката го покажаа своето врвно мајсторство. Достоинствено беше одбележан 50-годишниот јубилеј на една пребогата музичка кариера, каква што е таа на професор Васил Атанасов. Да се опстои на уметничката сцена толку долг период и успешно да се организира концертен јубилеј е несекојдневен настан. Дел од овој неповторлив настан беа познати имиња од светот на музиката: Тодор Светиев, Александар Дојковиќ, Марија Дојковиќ (Србија), Катерина Костадиновска, Дарко Багески, Кохар Андонијан (Бугарија), Томе Атанасов, извонредниот „Скопски дувачки квинтет“, познатиот камерен оркестар „Скопски солисти,“ воден од одличниот маестро Иван Еминовиќ. Низ свечената сала одекнуваа звуците на врвни композитори: Хендел, Вивалди, Рахманинов, Албениз, Хачатуријан, Пучини, Чајковски, Бортњански, Моцарт, Хендел, Џоплин… Tивките амбасадори на Македонија, оние што се мерат со својата врвна уметност, вечерва покажаа дека не сме „смачкано племе“ туку народ чиј дух никој не може да го убие.
Васил Атанасов и неговите пријатели токму во Музејот на македонската борба ни покажаа дека нашиот идентитет е дарбата, талентот, тој е она што нѐ поттикнува да создаваме музика, поезија, слики… творби, така било некогаш, така е и сега.
Васил Атанасов, скромниот човек и врвен уметник што преку својата музика зборува за Македонија низ сите светски меридијани: Русија, САД, Јужна Кореја, Виетнам, Мексико, Австралија, Италија, Германија, Франција, Шведска, Австрија, Полска, Израел, Словенија, Романија, Португалија, Турција, Северен Кипар, Албанија, Србија, Хрватска, Босна, Црна Гора, Косово, е вистински културен амбасадор на Македонија.
До публиката топло допреа тамбурата на Драган Даутовски со „Калеш Анѓа“, дел од „Тешкото“ на Г. Смокварски, во изведба на обоистите Томе Атанасов и Васил Атанасов и фолклорниот тапан на Влатко Митев, како и силната емотивна изведба на нашиот баритон Борис Трајанов на песната „Кога падна на Пирина“. Вокалниот дел беше збогатен со изведбата на женскиот хор „Св. Злата Мегленска“, под диригентство на Летка Димовска Полизова и првенката на Македонската опера, сопранистката Весна Гиновска Илкова.
Севкупното неповторливо доживување беше збогатено со инспиративната беседа на поетот Ефтим Клетников, кој го нагласи богатството на духовниот и творечки свет на Македонецот, кое е најголемата потврда за неговиот неуништлив идентитет.
Честит педесетгодишен јубилеј, маестро Атанасов, и благодарност за прекрасната вечер во која бев горда Македонка!

Виолета Ачкоска