Фото: Илустрација/ Пиксабеј

Главните земји членки на ОПЕК и ОПЕК+ се договорија за скромно зголемување на квотите за производство на нафта за јуни, со цел да испратат сигнал за стабилност по ненадејното повлекување на Обединетите Арапски Емирати од организацијата, пренесе МИА.

Седум држави, меѓу кои Саудиска Арабија и Русија, ќе го зголемат дневното производство за околу 188.000 барели, одлучено на состанок одржан преку видеоконференција.

Според Блумберг, зголемувањето има повеќе симболичен карактер, особено во услови кога дел од земјите од Блискиот Исток се соочуваат со ограничувања во извозот поради затворениот поморски правец преку Ормуската Теснина.

Иако во официјалното соопштение не се споменува излегувањето на Обединетите Арапски Емирати, овој потег ги изненадил партнерите и ја ослабнал способноста на картелот да влијае врз глобалните цени, кои веќе се под притисок од зголемената конкуренција од Северна и Јужна Америка.

Излегувањето, кое стапи на сила на 1 мај, нема веднаш да влијае врз снабдувањето, но ќе ѝ овозможи на земјата самостојно да го зголемува производството без ограничувања, откако ќе се нормализира извозот.

Аналитичарите оценуваат дека ова претставува сериозен удар за организацијата и нејзиниот неформален лидер Саудиска Арабија, во време кога глобалниот енергетски пазар е веќе нарушен од конфликтите на Блискиот Исток.

ОПЕК, основана во 1960 година, обединува земји кои произведуваат повеќе од една третина од светската нафта, со цел стабилизација на пазарот и сигурно снабдување со енергенси.