Фото: МИА

Управа за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основно јавно обвинителство Скопје против поранешен претседател на Стоматолошка комора на Македонија, како и против претседателот и четворица членови на Комисијата за стручни стоматолошки прашања, поради сомнение за злоупотреба на службената положба.

Според наводите, тие незаконски постапувале при издавање, обновување и продолжување на лиценци за работа на доктори по стоматологија, со што овозможиле имотна корист од околу 515 илјади евра.

Првопријавениот, идентификуван како М.Д., ги пречекорил своите овластувања доверени од Министерството за здравство, склучувајќи договори со непостоечки здруженија за организирање на континуирана едукација. На овој начин, стоматолозите стекнувале бодови потребни за обновување на лиценците.

Дополнително, тој бил поврзан со ДДДММ – Друштво на доктори по дентална медицина на Македонија од Куманово, преку кое, според истрагата, го заобиколувал системот и постапувал спротивно на законските прописи.

Во координација со останатите осомничени, Комисијата издавала решенија и склучувала договори за организирање поголем број настани од дозволеното, со што им овозможила финансиска корист на повеќе здруженија, меѓу кои и Македонско стоматолошко друштво и Стоматолошко друштво на Албанците.

Средствата од котизациите на стоматолозите се исплаќале на нивните сметки, при што здруженијата намерно не биле регистрирани како посебни правни субјекти.

Вкупната стекната имотна корист, според Управа за финансиска полиција, изнесува 31.969.250 денари, односно околу 515 илјади евра.

Осомничените се товарат за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ согласно Кривичниот законик на Македонија.