По повод Денот на трудот – 1 Мај
Работниците на Чикаго се заслужни што во голем дел од светот се одбележува Први мај како меѓународен празник на трудот, посветен на борбата за зачувување и унапредување на работничките права, а всушност е ден на кој се оддава почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго. Тогаш повеќе десетици илјади работници на Чикаго излегоа на улиците, со единствена цел да издејствуваат воведување осумчасовен ден.
На првиот конгрес на Втората интернационала, одржан во 1889 година, било одлучено Први мај да биде заеднички празник во сите земји, на кој работниците треба да манифестираат единство и солидарност во своите барања за подобрување на својата положба. Оттогаш празникот е манифестација на класната солидарност на работниците во светот.
Како се прославува празникот
Први мај во Македонија е државен празник, како и во повеќе земји во светот. До 2006 година се празнуваше два дена, на 1 и 2 мај, а од 2007 година се празнува само еден ден. Вообичаено, кај нас овој ден се користи за излети во природа. Речиси секој град има свои традиционални излетнички места, а тоа се најчесто прекрасни зелени ливади покрај вода, каде што населението ја пали традиционалната скара и со песна и игра го поминува Денот на трудот.
И во другите европски држави овој ден се прославува во природа, покрај логорски оган, а во некои земји во Северна и Централна Европа во природа се излегува ноќта спроти Први мај (Валпургиска ноќ) и се прославува плодноста, при што се пие и пее долго во ноќта покрај запалените огнови. За разлика од ваквото празнување, кое има корени во паганското чествување на природата, во некои држави работничките синдикати организираат масовни протести на кои се истакнуваат нови барања за подобрување на работничките права.
Во некои земји 1 Мај е ден на љубовта и цвеќето
Низ децениите Први мај бил сведок на голем број важни настани, но и интересни традиции што варираат од земја до земја. Први мај е познат низ целиот свет како Меѓународен ден на трудот, ден посветен на борбата за правата и слободите на работниците. Иако денес многумина го поврзуваат со одмори, скари и собири во природа, овој датум има богата и бурна историја. Освен што носи силна симболика на борбата на работниците, 1 Мај е и ден полн со необични и помалку познати приказни. Дали знаете, на пример, дека некои нации го одбележуваат сосема поинаку од класичните протести и собири?
1. Први мај има свои корени во крвавите протести во Чикаго
Сè започна во 1886 година во Чикаго, кога работниците започнаа генерален штрајк барајќи осумчасовен работен ден. Протестите кулминираа со инцидент познат како аферата „Хејмаркет“, кога експлозија на бомба уби неколку луѓе. Овој настан беше клучен за прогласувањето на 1 мај за Меѓународен ден на трудот.
2. Во некои земји 1 Мај е ден на љубовта и цвеќето
На пример, во Франција на 1 мај гранчиња од долински крин традиционално се подаруваат како симбол на среќа и љубов. Овој обичај датира од 16 век и сè уште се негува со голема почит.
3. Први мај бил важен и за комунистите и за капиталистите
И за социјалистичките и комунистичките земји 1 Мај бил речиси свет ден, но и некои западни земји почнале да го слават за да се поврзат со работниците и да покажат солидарност, но на поинаков, помалку политички начин.
4. Денот на трудот не се слави секаде на 1 мај
Иако во поголемиот дел од светот се слави на 1 мај, Денот на трудот во Соединетите Американски Држави и во Канада се слави првиот понеделник во септември. Одлуката за промена на датумот била донесена за да се избегне поврзување со социјалистички и анархистички движења.
5. Најголемата официјална парада се одржала во Москва
За време на Советскиот Сојуз, парадата за 1 Мај на Црвениот плоштад во Москва била спектакуларен настан со илјадници учесници, огромни транспаренти, маршеви и демонстрација на воена моќ.

































