Фото: Собрание

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, остварил средба со претседателот на Швајцарска Конфедерација, Ги Пармелан, при што биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката заложба за нивно понатамошно унапредување.

На средбата била нагласена важноста од зајакнување на парламентарната соработка, размената на искуства и градењето на институционалните капацитети. Гаши изразил задоволство од, како што рекол, првата ваква посета на високо ниво, истакнувајќи дека Швајцарија претставува пример за развиена демократија.

Тој се заблагодарил за континуираната поддршка што Швајцарија ѝ ја дава на државата, особено во процесот на европска интеграција, како и за проектот „Програма за поддршка на Парламентот“, кој придонесува за поголема транспарентност, отчетност и вклученост на граѓаните.

Од своја страна, Пармелан ја истакнал улогата на Собранието како клучен фактор во демократските процеси, оценувајќи дека законодавниот дом бележи значителен напредок.

Двајцата соговорници размениле мислења и за актуелните политички случувања во двете земји и ја потврдиле подготвеноста за продлабочување на билатералната и мултилатералната соработка.

На средбата присуствувале и членови на пратеничката група за соработка со швајцарскиот парламент, како и претставници од собраниската администрација.