Киев меѓу реалноста и амбициите
- Сè погласни резерви се изразуваат во ЕУ за евроинтеграцијата на Украина. Неизвесниот исход од војната и можните територијални отстапки на Украина го оддалечуваат Киев од брзата интеграција со Брисел онака како што се надеваа либералите во Брисел и во Киев
Во време кога војната во Украина влегува во продолжена фаза без јасен исход, политичките сигнали од европските престолнини стануваат сè пореалистични, а за Киев, сè понеповолни. Иако украинското раководство инсистира на забрзана интеграција во евроатлантските структури, изјавите на водечки европски политичари и институции упатуваат на сосема поинаков пристап кон ова прашање, дијаметрално спротивен од досегашниот.
Реалноста зад европската поддршка
Изјавата на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека Украина можеби ќе мора да прифати територијални отстапки како дел од мировен договор претставува еден од најотворените сигнали досега дека Европа ја подготвува јавноста за компромисно решение. Во неговото обраќање, тој јасно стави до знаење дека членството во Европската Унија не може да се случи додека трае војната, а уште помалку во кратки рокови како што ги посакува Киев.
И ова не е изолиран став. Иако формално Европската Унија ја поддржува Украина, сè повеќе земји членки, не само Унгарија, покажуваат резерви кон брза интеграција. Причините се повеќеслојни, и тоа од институционалните ограничувања на самата Унија, преку економските последици, до стравот од директна конфронтација со Русија.
Киев и нереалните имагинарни рокови
Украинскиот претседател Володимир Зеленски активно туркаше амбиција за членство во ЕУ до 2027 година, која сега дури и најблиските партнери ја оценуваат како нереална. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, индиректно предупредија дека поставувањето фиксни датуми не е во согласност со принципот „членство врз основа на заслуги“. Дополнително, прашањата за владеење на правото и борбата против корупцијата остануваат клучни предуслови, кои Украина сè уште треба да ги исполни. Тоа е процес што во нормални услови трае со години, ако не и децении.
НАТО: уште подалечна перспектива
Ако членството во ЕУ изгледа далечно, тогаш влезот во НАТО е уште понеизвесен. Европскиот комесар Андриус Кубилиус јасно изјави дека ова прашање „во моментов е надвор од дофат“. Причината е едноставна. Имено, прием на земја во воен сојуз, додека таа е во активен конфликт, би значело директна војна или воена ескалација со Русија. Како алтернатива, сè повеќе се разгледуваат модели на ограничена интеграција, како на пример што е идејата за европска одбранбена унија, која би ги поврзала Украина, Обединетото Кралство и Норвешка со ЕУ без формално членство.
Територијалниот компромис како неизбежност?
Можеби најчувствителното прашање останува територијалниот интегритет. Со околу 20 отсто од територијата под руска контрола, сценариото за замрзнат конфликт или договор со отстапки станува сè пореално. Ваквиот пристап веќе беше промовиран и од американскиот претседател Доналд Трамп, кој јавно се залагаше за брзо завршување на војната, дури и по цена на територијални компромиси. Иако Зеленски категорично ги отфрла овие опции, меѓународниот притисок, особено во контекст на замор од војната и економските последици, може постепено да ја менува позицијата на Киев.
Европа меѓу (не)принципиелноста и прагматизмот
Европската Унија се наоѓа во сложена позиција. Од една страна, либералните и милитантни бриселски елити даваат поддршка за Киев, а од друга суверенистичките влади на земјите членки на ЕУ сѐ повеќе се дистанцираат од поддршка на Украина. Од трета страна сега и некои од столбовите на ЕУ, како што е Германија, полека и сигурно се дистанцира од нереалните амбиции на спрегата Брисел-Киев. И најпосле, реалполитиката со која се соочува цела Европа е онаа што бара стабилност и избегнување поширок конфликт. Токму затоа, и покрај јавната реторика, во заднина се развиваат сценарија што НЕ вклучуваат брзо членство ниту во ЕУ ниту во НАТО. Сумирано, перспективата за брза евроатлантска интеграција на Украина сè повеќе е илузија отколку реална опција. Внатрешните предизвици, геополитичките ризици и сè поотворените резерви во рамките на ЕУ укажуваат дека Киев ќе мора да се подготви за неизвесен процес.
Во меѓувреме, исходот од војната, вклучително и можните територијални отстапки, ќе биде клучниот фактор што ќе ја дефинира иднината на Украина, но и архитектурата на европската безбедност во годините што доаѓаат. Р.С.

































