Семејното насилство со години било јасно видлив проблем и во институционалната пракса и во статистиката, но предолго се третирало фрагментирано, со задоцнета реакција и без суштинска координација меѓу институциите – истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој се обрати на надзорната расправа организирана од Собраниска комисија за еднакви можности на жените и мажите, посветена на спроведувањето на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство, пренесе МИА.
Тошковски посочи дека од 2018 до 2025 година биле регистрирани над 44.700 случаи со елементи на семејно насилство, што значи во просек околу 15 сигнали дневно.
Во истиот период биле евидентирани над 8.500 кривични дела, повеќе од 2.900 прекршоци и над 33.000 поплаки.
Според министерот, во оваа статистика има и 42 убиства, 24 убиства во обид и 192 тешки телесни повреди.
Тој нагласи дека полицијата најчесто е првата институција што доаѓа во контакт со жртвата, врши проценка на ризик и носи првични одлуки кои директно влијаат врз безбедноста.
Сепак, посочи дека полицијата не може сама да го реши проблемот без навремено постапување на центрите за социјална работа, брза реакција од обвинителството и ефикасни судски одлуки.
Тошковски најави измени во Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, особено во делот на итните и привремените мерки.
Клучната новина е воведување полициско овластување со кое службеникот, по проценка на ризик и утврдена непосредна опасност, ќе може веднаш да изрече итна мерка за заштита на жртвата.
Тоа ќе значи сторителот да биде отстранет од домот, да му се забрани приближување и контакт со жртвата.
Мерката ќе важи до 48 часа, а потоа судот ќе одлучува дали ќе ја потврди, укине или продолжи до 30 дена.
Паралелно со законските измени, МВР работи и на обезбедување боди-камери за полициските службеници, со цел подобро документирање на интервенциите.
Министерот истакна дека според податоците од март, системот почнува да функционира поинаку и институциите конечно го третираат проблемот со сериозноста што ја заслужува.

































