Во рамки на акциска контрола во патниот сообраќај, спроведена од Мобилна единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Сектор за сообраќајни работи, вчера во периодот од 21.00 до 03.00 часот на подрачјето на општините Кисела Вода, Илинден и Ѓорче Петров санкционирани се осум возачи кои управувале возило под дејство на алкохол, додека две лица одбиле алкотестирање, пренесе МИА.
Дополнително, тројца возачи биле санкционирани за други сообраќајни прекршоци.
Како што информира Министерство за внатрешни работи, едно лице е лишено од слобода поради сторено кривично дело според член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“, односно управување под дејство на алкохол со над 1,50 промили.
Од Министерството посочуваат дека по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни прекршочни и кривични пријави.

































