Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека очекува Соединетите Американски Држави да постигнат „одличен договор“ со Иран, и покрај тоа што не планира да го продолжи примирјето кое истекува во среда.
За „Си-ен-би-си“, Трамп посочи дека верува оти Техеран нема многу избор во преговорите.
– Мислам дека немаат избор – рече Трамп, говорејќи за можниот исход од новата рунда разговори.
Тој истакна дека американската страна значително ја ослабнала воената моќ на Иран.
– Им ја уништивме морнарицата, им ја уништивме авијацијата, ги елиминиравме нивните лидери – изјави Трамп.
Претседателот додаде дека овие потези, иако ја комплицираат ситуацијата, довеле до појава на „порационални“ лидери.
– Тоа е промена на режимот, без разлика како ќе го наречете. Не беше нешто што реков дека ќе го направам, но индиректно го направив – рече тој.
На прашањето дали ќе го продолжи примирјето за да се овозможи повеќе време за преговори, Трамп одговори дека не сака да го прави тоа.
Изјавите доаѓаат во пресрет на истекот на примирјето меѓу САД и Иран и во време на засилени дипломатски напори за ставање крај на конфликтот.
































