Фестивалот на малата школа за краток филм по петти пат се одржа во Битола
Утре завршува петтото издание на Фестивалот на малата школа за краток филм, кое од 16 април се случува во Битола и Битолско. Станува збор за меѓународна соработка меѓу Франција и Македонија. Имено, здружението „Аје Аје ВО/Фиф“ („AYE AYE VO/FIF“) секоја година кон крајот на јуни и почетокот на јули го организира Меѓународниот филмски фестивал во Нанси, а во текот на целата година спроведува афирмација на кинематографијата кај младите, но и едукација од истата област. Здружението веќе 21 година го организира Фестивалот на малата школа за краток филм, кој годинава ќе пречека околу илјада деца во Нанси и над двесте и четириесет деца во Везелизе. Во Македонија, пак, благодарение на Тони Гламчевски, инаку постојан дописник на „Нова Македонија“ од Франција, и годинава светската продукција на краток филм од млади и за млади е прикажана и доближена пред голем број деца.
– Фестивалот, покрај проекциите во Центарот за култура во Битола, понуди и проекции во селските училишта. Свеченото отворање во Битола беше придружено со специјална програма на кратки филмови наменети за децата и семејствата. Следните денови фестивалот организираше проекции за основците и средношколците во Битола. Овој настан е наменет за најмладите, но и за преттинејџерите и тинејџерите (пет-14 години) со програми адаптирани на возраста на публиката – информира Гламчевски.
Програмата вклучи сесии за прикажување кратки филмови проследени со дебати, разновидни филмови по форма и по содржина, од различно географско потекло, како и долгорочни сесии, исто така адаптирани на возраста на публиката.
– Целта на овој фестивал е децата да се запознаат со светот на кинематографијата од друг агол, поинаков од оној на платформите, социјалните мрежи и телевизијата и да им се помогне да го развијат своето критичко размислување. Тимот на фестивалот е присутен за време на проекциите и ги охрабрува децата да разговараат и да дебатираат. Со ова ги поттикнуваме младите да зборуваат, да ги слушаат другите, да даваат свои мислења и да ги споделат своите чувства и емоции – додава Гламчевски.
Ф.Д.
































