Фото: Архива / Илустрација

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека правото на референдум е уставно загарантирано, но дека проектот за рудникот кај Луке има стратешко значење за државата и локалната заедница.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој нагласи дека секоја иницијатива мора да се спроведе согласно законските процедури, но изрази изненадување од различните ставови во рамки на СДСМ.

 – Ме зачудува што градоначалникот на Крива Паланка од СДСМ има спротивен став од раководството на партијата. Јас сум во редовна комуникација со него и знам дека тој го поддржува проектот, кој е дел од соработка со САД и е делумно финансиран од американска страна – изјави Мицкоски.

Тој додаде дека проектот, доколку се реализира, мора целосно да ги исполни сите уставни и законски услови, особено во делот на заштитата на животната средина, за што гарантираат и државата и инвеститорите.

Мицкоски оцени дека станува збор за значајна инвестиција со економски придобивки за регионот, нагласувајќи дека областа традиционално е рударски регион и дека проектот е стратешки и за локалниот развој и за државата.