Фото: Маја Јаневска-Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Македонија е меѓу трите европски држави со најобемни мерки за ублажување на ценовните шокови, повикувајќи се на податоци на Меѓународниот монетарен фонд објавени на 15 април.

Според него, државата се наоѓа на третото место во Европа според обемот на мерките како процент од бруто-домашниот производ, насочени кон справување со последиците од енергетската криза.

 – Нашите политики се во линија со светските трендови. Според анализите на ММФ, сме меѓу првите три земји во Европа според применетите мерки за справување со ценовните шокови – истакна Мицкоски.

Премиерот нагласи дека енергетската криза е резултат на глобалните геополитички случувања, а не на домашните политики, додавајќи дека Владата има обврска навремено да реагира за заштита на граѓаните и економијата.

Во таа насока, информираше дека Регулаторната комисија за енергетика утре се очекува да донесе одлука за намалување на цените на бензините и дизелот за околу 1,5 денари по литар.

Дополнително, останува во сила и договорената мерка со ОКТА, според која до крајот на април бензините ќе имаат попуст од два денари по литар, а дизел-горивото од три денари.

Мицкоски оцени дека со овие мерки земјата има едни од најниските цени на горивата во регионот и Европа, посочувајќи дека бензинот од 95 октани се движи меѓу 1,27 и 1,31 евро за литар, што е значително пониско во споредба со земји како Грција и Албанија, каде цените надминуваат два евра.

Премиерот додаде дека Владата применува долгорочен, холистички пристап за стабилизација на економијата, кој вклучува мерки за зајакнување на домашната економија, зголемување на конкурентноста и обезбедување одржлив раст.

Во однос на даночната политика, појасни дека кај дизел-горивото ДДВ е вратен на 18 проценти по истекот на првиот пакет мерки, додека кај бензините намалениот ДДВ од 10 проценти останува во сила во наредниот период, со цел да се задржат стабилни цените.