фото: Маја Јаневска - Илиева

Светата икона со ликот на Пресветата Богородица Брзопослушничка по девети пат беше изнесена на улиците низ Струмица.

Празнувањето почна вчера со свечена вечерна богослужба. Денес, по Светата Божествена Литургија во манастирот на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, свештената литија се упати кон храмот на Свети Кирил и Методиј, а оттаму до плоштадот Гоце Делчев во Струмица. Таму беше отслужен Молебен, по што иконата заедно со свештената поворка дојде до храмот на Свети Димитриј и Свети Григориј Палама, каде што наредните десетина дена верниците ќе можат да ѝ оддадат почит.

Скоро цела деценија, иконата на Богородица Брзопослушничка претставува место на утеха за илјадници верници од Македонија и поширокиот регион, кои преку целата година, поединечно или организирано, доаѓаат да се поклонат пред неа.

Пред девет години, во втората недела од Великиот пост, посветена на Свети Григориј Палама, заштитникот на Струмичката епархија, иконата беше донесена во манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици” во Струмица, како подарок од братството на светогорскиот манастир Дохијар.