Министерот за здравство Азир Алиу при посетата на Општата болница со проширена дејност во Дебар најави законски измени со кои пензионираните лекари и медицински сестри ќе можат да продолжат со работа до 70-годишна возраст.
Тој истакна дека здравствениот систем се соочува со недостиг на кадар, особено лекари и медицински сестри, поради што искуството на пензионираните здравствени работници е од големо значење.
– Сите лекари и сестри кои ќе поднесат барање во установите каде што има недостиг ќе можат да продолжат со работа до 70 години. Ќе примаат пензија, но и дополнителна плата – изјави Алиу, додавајќи дека целта е да се намали кадровскиот дефицит во здравството.
Според него, законските измени се во владина процедура и се очекува да бидат усвоени во рок од еден месец.
Тој најави и втора фаза од реформите, која предвидува ангажирање лекари од дијаспората преку дигитални и онлајн услуги, како дел од процесот на оптимизација и дигитализација на здравствениот систем.
– Имаме голем број стручњаци во дијаспората кои можат да придонесат, дури и на далечина, а некои од нив се подготвени да работат и волонтерски – додаде министерот.
За време на посетата, Алиу го означи и почетокот на пилот-проект за телемедицина во областа на дерматовенерологијата.

































