НАСТАН ВО МАКЕДОНСКИОТ КИЦ ВО ЗАГРЕБ
Македонскиот јазик е најголемата културна татковина, која нема граници. Затоа живеењето на јазикот меѓу генерациите што не се во Македонија, туку живеат во други држави, е многу значаен културен елемент. Ова е главното мото под кое од 16 до 19 април во Македонскиот културно-информативен центар во Загреб се реализира мултимедијалниот проект за деца „Магичниот круг на детството“ на „КАТ Продукција“. Проектот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија.
Во рамките на проектот ќе бидат опфатени четириесетина ученици што учат македонски јазик во двете основни училишта во Загреб, „Август Харамбашиќ“ и „Никола Тесла“, под водство на наставничката Деспина Белчовска Велинска.
Ќе бидат реализирани три креативни работилници, и тоа: драмска под водство на актерката и режисерка Снежана Конеска Руси, работилница за илустрација на книги за деца под водство на дизајнерката и едукаторка Елена Максимовска и работилница за креативно пишување под водство на Татјана Гогоска, авторка на проектот и авторка на книгата „Магичниот круг на детството“, која ќе биде промовирана на завршниот настан на 19 април во Македонскиот КИЦ во Загреб, во присуство на повеќе гости од разни сектори. На настанот, меѓу другите, ќе зборуваат директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска, која со својата поддршка го овозможи реализирањето на овој проект, и авторката на книгата Татјана Гогоска. Книгата ќе ја промовираат децата учесници во трите работилници, со свој перформанс. Целиот настан ќе го води и модерира познатата актерка и режисерка Снежана Коневска Руси.
































