Со цел да се поттикне современото поетско творештво и да се зајакне културниот дијалог меѓу земјите од регионот, официјално е објавен регионалниот поетски конкурс „Арс лирика балканика – регионална поетска награда“. Конкурсот има непрофитен културен карактер и е замислен како долгорочна платформа за афирмација на лирската поезија на Балканот, со особен акцент на автентичниот поетски израз, јазичната разновидност и современите поетски тенденции. Право на учество имаат поети и поетеси од балканските земји, кои можат да се пријават со една необјавена поетска творба, на слободна тема, не подолга од 40 стиха, напишана на мајчиниот јазик на авторот. Конкурсот претставува нов културен мост меѓу поетските гласови на Балканот, со цел да се создаде простор во кој поезијата ќе остане заеднички јазик надвор од границите и разликите.
Во рамките на конкурсот ќе бидат доделени прва, втора и трета награда „Арс лирика балканика“, како и посебни признанија: награда „Калос“ за поетска извонредност и особен авторски глас, „Круна на лириката“ за исклучителен лирски израз и „Златна ода“ за поетска творба со изразена тематска и стилска целовитост. Конкурсот „Арс лирика балканика“ претставува специјална секција во рамките на меѓународниот поетски конкурс „Ил Парнасо“, кој се одржува во Каникати на Сицилија, Италија. Рокот за испраќање на творбите е 20 мај. По завршувањето на конкурсот, доколку бидат исполнети условите и се обезбеди доволен број учесници, ќе постои можност за објавување антологија со избрани поетски творби.