Фото: ЕПА

Важен дипломатски чекор на патот кон примирје во Персискиот Залив

  • Американскиот лидер Доналд Трамп вети дека повторно ќе го отвори Ормускиот Теснец за Кина во отстапка кон трговскиот ривал, нагласувајќи дека „оваа ситуација никогаш повеќе нема да се случи“, по разговорите со кинескиот претседател Си Џинпинг

Американскиот претседател Доналд Трамп завчера го прогласи Ормускиот Tеснец за „трајно отворен“ по разговорите со својот кинески колега Си Џинпинг, додека расте притисокот врз САД да ја прекинат војната со Иран и да го обноват глобалниот поморски превоз. Трамп притоа вети дека повторно ќе го отвори теснецот за Кина во отстапка кон трговскиот ривал, нагласувајќи дека „оваа ситуација никогаш повеќе нема да се случи“. Ваквиот развој на настаните се смета за важен чекор кон постигнување примирје додека се очекува обновување на мировните преговори помеѓу САД и Иран, пренесуваат светските медиуми.

Американската блокада уште е во сила

Американскиот лидер претходно истакна дека ги ангажира американските сили да наметнат блокада за иранските пристаништа во регионот, потег за кој армијата на САД соопшти дека целосно ја запрел трговијата што влегува и излегува од Иран по поморски пат. Американската армија соопшти дека девет брода ги почитувале упатствата на американските сили да се свртат и да се вратат кон Иран за време на блокадата на пристаништата.
– Блокадата е целосно во сила и функционира. Како што објави вчера Центком, ниту еден брод не ја поминал блокадата, што влијае на бродовите што патуваат до и од иранските пристаништа. Претседателот јасно стави до знаење дека сака теснецот да биде отворен за да се олесни слободниот проток на енергија, а земјите се добредојдени да купуваат нафта од Соединетите Американски Држави – изјави висок функционер од администрацијата на американскиот претседател за британски „Индипендент“.
Иранската новинска агенција „Мехр“ објави дека Техеран ќе се префрли на алтернативни пристаништа, заобиколувајќи ја американската блокада.
Четириесет и пет дена откако Иранската револуционерна гарда го прогласи теснецот за затворен, ефикасно запирајќи околу 20 отсто од глобалните испораки на нафта и течен природен гас, транзитот низ водниот пат останува неизвесен – дури и со двонеделното примирје што сега е во сила. Сообраќајот моментално опфаќа само дел од над 130 дневни преминувања што се случуваа пред војната, според последните процени.

Се прават напори за нова рунда мировни разговори

Медијаторите се обидуваат да свикаат втора рунда разговори меѓу Вашингтон и Техеран за да се спречи повторно започнување на непријателствата, во пресрет на истекот на кревкото двонеделно примирје следната недела. Пакистанска делегација се упати кон Иран за да испланира втора рунда мировни преговори меѓу Вашингтон и Техеран, која би можела да се одржи следната недела.
Официјални лица од Пакистан, Иран и неколку земји од Персискиот Залив изјавија дека преговарачките тимови од САД и Иран би можеле да се вратат во Исламабад во текот на неделава во обид да го спасат истечениот договор за примирје. Се смета дека делегациите се согласиле да се сретнат, но сè уште не се договориле за датумот и времето.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во средата потврди дека Пекинг го поддржува „одржувањето на замавот на мировните преговори“ на Блискиот Исток, во разговор со својот ирански колега Абас Аракчи, кој рече дека смета на Кина, пренесува АФП.
Шефот на кинеската дипломатија нагласи дека Кина е подготвена да продолжи да игра „конструктивна улога“ во напорите за постигнување мир на Блискиот Исток, откако не успеа првата рунда разговори меѓу Иран и САД во Исламабад.
Трамп исто така е оптимист во врска со состојбата на преговорите, изјавувајќи за „Еј-би-си њуз“ дека не смета оти ќе биде потребно да се продолжи постигнатото двонеделно примирје.

Растечкото воено присуство на САД ги остава сите опции на маса

САД прават подготовки за распоредување на 6.000 војници во регионот на носачот на авиони „УСС Џорџ Х.В. Буш“ и неколку воени брода што го придружуваат, според „Вашингтон пост“. Се очекува да пристигнат уште 4.200 кон крајот на месецов, придружувајќи им се на околу 50.000 војници што веќе се наоѓаат во областа.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, во однос на растечкото воено присуство рече дека Трамп „мудро ги оставил сите опции на маса во случај Иранците да не се откажат од своите нуклеарни амбиции и да постигнат договор што е прифатлив за САД“.
Доналд Трамп во писмо го замолил кинескиот претседател Си Џинпинг да не му дава оружје на Иран, на што кинескиот лидер Си одговорил дека Кина не го снабдува Техеран, изјави американскиот претседател во интервју за „Фокс бизнис нетворк“, кое се емитуваше завчера. Трамп во интервјуто снимено во вторникот не кажа кога биле разменети писмата. Минатата недела Трамп се закани со моментална царина од 50 отсто на земјите што го снабдуваат Иран со оружје.

Р.С.


Нов круг разговори помеѓу Израел и Либан под посредство на САД

Статусот на Хезболах останува клучно прашање

Либан и Израел во вторникот во Вашингтон ги одржаа своите први директни дипломатски разговори по децении, по повеќе од еден месец војна меѓу Израел и милитантната група Хезболах, поддржана од Иран. Американскиот државен секретар Марко Рубио ги нарече разговорите „историска можност“, но јасно стави до знаење дека нема веднаш да се постигне договор за пробив.
Во соопштението по завршувањето на двочасовната сесија, Стејт департментот ги пофали двете страни за она што го нарече „продуктивни дискусии за чекорите кон започнување директни преговори меѓу Израел и Либан“.
Хезболах се спротивстави на директните разговори на кои немаше претставник, со што се сметаше дека ќе ги засили нападите врз северен Израел кога започнаа дискусиите.
– САД потврдија дека секој договор за прекин на непријателствата мора да се постигне меѓу двете влади, со посредство на САД, а не преку посебен пат – соопшти Стејт департментот.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека лидерите на Либан и Израел ќе разговараат, нагласувајќи дека „се обидува да овозможи простор за дишење“ меѓу спротивставените страни, по повеќе од шест недели војна меѓу Израел и либанската вооружена група Хезболах.
Не беше наведено кои либански и израелски лидери ќе разговараат, а не беа дадени ни други детали.
– Постојат две главни цели во разговорите со Либан: разоружување на Хезболах и одржлив мир постигнат преку сила. Нашите американски сојузници постојано нè информираат за контактите со Иран, прерано е да се каже како ќе завршат овие разговори. Со оглед на можноста борбите да продолжат – ние сме подготвени за секое сценарио – изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Р.С.