Фото: ЕПА

Ставовите на идниот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, во врска со интеграциите на нови членки во ЕУ и односите со Русија и Украина

Врз основа на изјавите што во јавноста ги искажа унгарскиот политичар Пeтер Маѓар, лидерот на Тиса и победник на парламентарните избори минатиот викенд, може да се изгради појасна слика за неговиот пристап кон европските интеграции, за односот кон Украина, како и за пошироката надворешнополитичка стратегија на Унгарија, која се движи меѓу Европската Унија, Русија и соседните држави.

Став за проширувањето на Европската Унија и Украина

ЕУ, според Маѓар, мора да остане строго институционален процес заснован на правила, без политички забрзувања или исклучоци. Во неговите ставови се издвојуваат неколку клучни елементи:

1. За интеграцијата на Украина во ЕУ

Маѓар нагласува дека „апсурдно е да се прими во ЕУ држава што е во војна“. Овој став се темели на безбедносни и политички аргументи, според кои стабилноста е предуслов за членство.

2. Еднакви правила за сите кандидати

Тој инсистира дека сите држави мора да поминат низ ист процес на преговори и да ги исполнат сите фази без скратување или политичко фаворизирање.
3. Нереалноста на брзото членство во ЕУ

Според него, брзото членство на Украина не е реално сценарио ниту во блиска иднина, па дури ниту во следната деценија. Дополнително, тој смета дека и голем број земји членки на ЕУ го делат овој став. Исто така, Маѓар најавува можност Унгарија да организира референдум за евентуалното членство на Украина, што укажува на желба за директно вклучување на граѓаните во вакви одлуки.
4. Прашањето за унгарското малцинство во Украина

Еден од клучните елементи во неговиот пристап е прашањето за правата на етничките Унгарци во Украина. Тој нагласува потреба од заштита на јазичните права, решавање на спорните законски прашања и унапредување на правата на унгарското малцинство во Украина.

Прагматичен пристап и однос кон Русија и енергетиката

Претседателот на Русија, Владимир Путин, се појавува во неговите изјави како политички актер со кого дијалогот е неопходен, особено во областа на енергетиката. Во своите изјави Маѓар истакнува дека географската реалност не може да се промени, дека енергетската зависност на Унгарија од Русија ќе продолжи, и затоа е неопходно да се преговара со Москва. Овој пристап укажува на прагматична политика, која ги става економските и енергетските интереси пред идеолошките разлики.
Во исто време Маѓар не зазема целосно конфронтациски став кон Украина. Во изјавите на Маѓар, Володимир Зеленски се споменува како лидер со кого тој е подготвен да се сретне, дури и во рамките на европските институции. Ова укажува на одржување дипломатски канали и покрај критичките ставови за членството на Украина во ЕУ.

Маѓар со политика на балансирање и прагматизам

– Од анализата на неговите изјави може да се извлечат неколку основни линии, и тоа строго придржување кон правилата на ЕУ-процесот на проширување, скепса кон брзо членство на Украина, силен акцент на правата на унгарското малцинство, прагматичен и неидеолошки однос кон Русија и одржување отворени канали за дијалог со сите страни – велат нашите соговорници, дипломати што ревносно ги следат изјавите на идниот унгарски премиер.
Притоа тие додаваат дека „во целина, политиката на Пeтер Маѓар може да се опише како реалполитичка и балансирана, каде што институционалните правила на ЕУ се комбинираат со практичен пристап кон енергетските и геополитичките реалности“.

П.Р.