Фото: Европол

Во голема меѓународна операција координирана од Европол, во која учествуваа 21 земја, разбиена е мрежа поврзана со нарачани DDoS кибер напади.

Акцијата, спроведена под името „PowerOFF“, резултирала со апсење на четири лица, отстранување на 53 интернет-домени и издавање на 25 налози за претрес. Дополнително, испратени се предупредувања до околу 75.000 корисници поврзани со овие активности.

Како што се наведува, во заедничката акција учествувале Австралија, Австрија, Белгија, Бразил, Бугарија, Данска, Естонија, Финска, Германија, Јапонија, Летонија, Литванија, Луксембург, Холандија, Полска, Португалија, Шведска, Тајланд, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави.

Истражителите демонтирале дел од криминалната инфраструктура што се користела за изведување на DDoS напади, вклучувајќи сервери, бази на податоци и други технички алатки кои овозможувале нарачка на напади врз веб-страници, сервери и мрежи.

Со заплената на податоците, експертите на Европол идентификувале повеќе од три милиони кориснички сметки поврзани со нелегалните активности, што овозможило понатамошни истраги и координирани акции ширум светот.

DDoS нападите по нарачка се сметаат за едни од најраспространетите форми на кибер-криминал, бидејќи овозможуваат и лица со ограничено техничко знаење лесно да извршат напади што можат да предизвикаат сериозна штета, правејќи веб-страници и онлајн услуги недостапни.

Од Европол информираат дека операцијата продолжува, со цел целосно разбивање на криминалните мрежи и спречување на идни напади.