РАКОМЕТ
- Без разлика на сѐ, најважно е што одиме на Европско првенство и многу сме среќни поради тоа, вели македонската репрезентативка Ивана Гакидова
Женската ракометна репрезентација на Македонија, предводена од селекторот Кристијан Грчевски, по осми пат ќе биде дел од едно Европско првенство (ЕП), а трет пат во низа, откако успеа како трета да се пласира меѓу најдобрите четири третопласирани селекции во шесте квалификациски групи, во кои се сметаа само бодовите освоени со првопласираниот и вторпласираниот во групата. ЕП ќе се одржи годинава (3-20 декември) во Чешка, Полска, Романија, Словачка и во Турција, со учество на 24 селекции. Македонките во групата три го освоија третото место со два освоени бода, односно пет порази и една победа.
Македонија е рангирана во последниот четврти барабан за ждрепката за ЕП, која ќе се одржи в четврток во Катовице. Двете најдобри селекции од секоја група продолжуваат во главната фаза на ЕП, чии мечеви ќе се играат во Клуж и Катовице, додека завршниот дел, полуфиналето и финалето во Катовице.
Во последниот дуел на гостински терен во Велење, црвено-жолтите девојки загубија од Словенија (која по деветти пат ќе игра на ЕП) со 18-27. Словенките, кои и пред мечот важеа за фаворитки, досега со Македонија одиграле 14 официјални натпревари и се поуспешни, славеле 10 пати, еден меч завршил нерешено, а Македонките победиле трипати.
– Игравме лошо на овој меч и не бевме фокусирани на она што требаше да го направиме. Без разлика на сѐ, најважно е што одиме на Европско првенство и многу сме среќни поради тоа. Се надевам дека ќе можеме да поправиме сѐ пред тоа. Среќна и горда сум на мојот тим – изјави по мечот за Европската ракометна федерација (ЕХФ), македонската репрезентативка Ивана Гакидова.
Најефикасна кај Македонките беше Ангела Јанкуловска со четири гола, Ивана Гакидова и Марија Јанкуловска реализираа по три, а одлична на голот беше Андреа Илиќ со 14 интервенции (34,15 отсто). Кај Словенките најпрецизна беше Тјаша Станко со пет гола.
Пласман на ЕП 2026 обезбедија домаќините, Чешка, Полска, Романија, Словачка и Турција, најдобрите три репрезентации од ЕП 2024, Норвешка, Данска и Унгарија. Од квалификациите, Франција и Хрватска (група еден), Холандија и Швајцарија (група два), Германија, Словенија и Македонија (група три), Црна Гора, Фарски Острови и Исланд (група четири), Шведска, Србија и Украина (група пет), Шпанија, Австрија и дебитантот Грција (група шест). Кај третопласираните селекции, прв е Исланд со 2 бода, втора е Украина (-39 гол), трета е Македонија (-41 гол) и четврта грција (-51 гол), сите без освоен бод (резултатите против четвртопласираната селекција во групата не се земаа предвид). Титулата ќе ја брани Норвешка, која пред две години во финалето ја победи Данска (31-23), а трета беше Унгарија, која ја победи Франција (25-24). Норвешка е и најуспешна репрезентација на ЕП, со 14 медали (10 златни, три сребрени и една бронзена), пред Данска со седум (3/4/0), Франција со пет (1/1/3), Унгарија со пет (1/0/4) и Црна Гора со две (1/0/1), односно вкупно 14 селекции освоиле најмалку по еден медал од ЕП. Г.И.
Словенија – Македонија 27-18
Германија – Белгија 45-25
ТАБЕЛА
Германија 6 6 0 0 217-132 12
Словенија 6 4 0 2 161-137 8
Македонија 6 1 0 5 141-178 2
Белгија 6 1 0 5 136-208 2
Досегашни настапи на
Македонија на ЕП
ГОД. ДРЖАВА МЕСТО
1998 Холандија 8
2000 Романија 8
2006 Шведска 12
2008 Македонија 7
2012 Србија 16
2022 Мкд/Ц.Гора/Сло. 16
2024 Авс./Унг./Шва. 18
2026 Чеш./Пол./Рома./Свк/Тур. ?
Барабани за ждрепката
1: Норвешка, Данска, Унгарија, Франција, Шведска, Холандија
2: Германија, Црна Гора, Полска, Романија, Шпанија, Чешка
3: Турција, Словачка, Словенија, Швајцарија, Австрија, Фарски О.
4: Хрватска, Србија, Исланд, Македонија, Украина, Грција
Квалификациски податоци за ЕП 2026
Најмногу дадени голови – Холандија 227
Најмалку дадени голови – БиХ 111
Најмногу примени голови – Литванија и БиХ 214
Најмалку примени голови – Франција 93
Најпозитивна гол-разлика – Франција 129
Најнегативна гол-разлика – БиХ 103































