Фото: Принтскрин

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војската на САД се подготвува за нови напади врз Иран доколку преговорите што започнуваат во Пакистан не доведат до конечен договор.

Во интервју за „Њујорк пост“, Трамп нагласи дека воените подготовки се во тек и дека американските бродови се опремуваат со најмодерно вооружување.

– Сè започнуваме од почеток. Ги полниме бродовите со најдобрата муниција и со најмоќното оружје некогаш направено. Ако нема договор, ќе ги употребиме многу ефикасно – се закани американскиот претседател.

Претходно, Трамп на својата мрежа „Трут Соушл“ (Truth Social) најави „најмоќен рестарт на светот“. Неговиот потпретседател Џеј-Ди Венс веќе отпатува за Исламабад, каде што утре треба да го предводи американскиот тим на клучните преговори со иранската страна.

Вашингтон и Техеран во вторникот објавија двонеделен прекин на огнот по четириесетдневната војна, во која Трамп претходно се закануваше со целосно уништување на иранската цивилизација. Секое обновување на непријателствата директно би ја загрозило безбедноста на меѓународната пловидба низ Ормуската Теснина, пренесе МИА.