Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, изјави дека конфликтот во Украина е најтешкиот за решавање, и покрај тоа што, како што рече, претходно се очекувало да биде најлесен.
Говорејќи пред студенти во Будимпешта, Венс посочи дека по постигнатото примирје со Иран, украинскиот конфликт останува најкомплексниот предизвик, додавајќи дека САД веќе 14 месеци работат на постигнување мировен договор меѓу Москва и Киев.
– Успеавме да ги доближиме позициите на двете страни, но сè уште не сме во финалната фаза. Сепак, сум оптимист бидејќи оваа војна веќе ја губи својата смисла – истакна Венс, повикувајќи ги страните да не се фокусираат на „неколку квадратни километри територија“.
Тој упати критики кон европските лидери, оценувајќи дека не вложуваат доволно напори за решавање на конфликтот. Според него, САД добиле поддршка од одредени сојузници, при што ги издвои италијанската премиерка Џорџа Мелони и унгарскиот премиер Виктор Орбан.
– Орбан беше особено корисен во разбирањето на позициите на двете страни и во барањето решение – нагласи Венс.
Посетата на Венс на Будимпешта е дел од неговата дводневна агенда, при што изрази поддршка за Орбан неколку дена пред парламентарните избори во Унгарија.
































